
Сè започнува со едно едноставно прашање: „Учителке, зошто небото е сино?“ и продолжува со илјадници други, некои смешни, некои сериозни, некои без одговор. Но, сите тие имаат една заедничка нишка – дете кое сака да учи, да открива и да расте. А, покрај тоа, тука е учителот, кој со трпение и посветеност ги охрабрува тие прашања да продолжат.
Магијата на учењето се случува тивко, без аплаузи, во секојдневниот живот на училницата, од клупа до клупа, од прва до последна редица, преку љубопитните детски очи и нивните зборови. Таа е во учителот што знае кога да објасни, кога да слуша, кога со зборови да утеши, а кога да ги претвори часовите во игра, експерименти или незаборавни приказни.
Наставниците не се волшебници од бајките, но нивниот придонес е несомнено волшебен и немерлив. Со родителски инстинкт, искрена посветеност и креативност, тие прават да блесне искрата во секое дете. Нивните анимации, интеракција, примери од животот, разговори, шарени табли и пораки, остануваат длабоко врежани кај сите присутни во училницата.
Кампањата „Магијата е во знаењето“, која ја организира Министерството за образование и наука, е признание и благодарност кон тие кои секојдневно прават чуда во образованието. За наставниците кои не ја мерат вредноста на детето со оценка, туку со неговата љубопитност и желба за учење. За оние кои знаат дека вистинскиот успех се мери со развиениот ум и храбриот дух.
Учителот нема волшебно стапче, но волшебните зборови што ги изговара со срце се најмоќниот алат за создавање иднина. Можеби не се паметат сите лекции, но секогаш ќе се памети оној што ја запалил искрата на желбата за учење.
Ова не е бајка – ова е вистинска магија што се случува секој ден во секое училиште, со секој ученик. Затоа, да не заборавиме дека зад секој љубопитен ум стои инспиративен учител. Учителите не создаваат само ученици, туку граѓани, мислители, сонувачи, идни лидери…
И јасно е, магијата на знаењето започнува токму таму – во училницата, со еден учител што верува во секое дете.

Македонски




