
Екс-обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Лејла Кадриу, во вчерашното издание на емисијата ВЕЧЕРНОТО ШОУ со Богдан Илиевски, излезе со лични сведоштва од работата во СЈО. Како тоа многу повеќе делувало на штаб на СДСМ, отколку на обвинителство.
Инаку Кадриу била избркана од СЈО лично од Катица Јанева, со образложение дека „не била тимски играч“.
– Имавме кујна и еден ден отидов да си земам кафе. Излегувам од канцеларијата и ги гледам Зоран Заев и Шеќеринска, така на колена нешто со некои хартии. Ги гледам Ленче (Ристовска, нз.), Фатиме (Фетаи, н.з.), беа и Лиле (Стефанова, н.з.) и Гаврил (Бубевски, нз.). Велам, луѓе, што прават овие овде, што прават Заев и Шеќеринска тука?. Што бараат да влезат во Обвинителството. Ни шефот на Обвинителство, Јанева, не е тука, ниту останатите обвинители не се тука. Што бараат овие двајца тука? Ленче ми рече дека ги донеле материјалите. Молам? А, ја прашувам, кој ќе пишува записник за примопредавање и како ќе ги примите тие материјали кога шефот не е тука. Но, очигледно овие четворица беа шефови. Па, ми вели Ленче, нема да пишуваме записник за примопредавање. Значи, држава паѓа. Цел свет слуша муабети со кои Зоран Заев мавта на плоштадот, а во Обвинителство се внесуваат без записник за примопредавање. Нечуено – вели Кадриу.
Таа вели дека обвинителите не се потпишувале на актите кои ги работат, зашто само Катица имала право на потпис.
– Единствен кој имаше право на потпис на сите акти што ги донесуваат обвинителите беше Катица. Значи ние не потпишувавме наши акти што ги работевме. Ние ќе изработиме, она ќе става потпис. И како сега овие четворица и искусни, демек, обвинители, значи газат по закон – вели Кадриу.
На прашањето како тие знаеле дека треба да дојдат на работа, кога Јанева рекла тој ден да не се доаѓа и како знаеле дека тука ќе бидат Заев и Шеќеринска, Кадриу вели:
– Па очигледно дека Катица не морала да доаѓа, бидејќи изгледа не била некој фактор таму. Испаѓа дека важно било овие четворица да бидат таму. После тоа не поминаa ни две недели, бев категорична и цело време инсистирав на тоа како може да се примаат материјали без записник. Тоа значеше компромитирање на цела држава со тие глупости. Компромитираме цела држава, примаме материјали без записник. Значи во секое време може секој да додаде, да одземе и никому ништо – зборува за хаосот во СЈО, Кадриу.
Според Кадриу, таа четворка, Фетаи, Бубевски, Стефанова и Ристовска, секогаш го наметнувала своето мислење, а Бубевски се заканувал дека без него ништо не може да помине. И тоа го кажувал пред другите обвинители.
– Тој доаѓаше на колегиум со четири телефони на маса. Внимавајте, за сите нас се проверуваше да немаме камери и да немаме микрофони, да не се снимаат нашите меѓусебни разговори, а тој доаѓаше со 4 телефони на маса. На среде колегиум ќе му заѕвони еден телефон, другите три остануваат. Излегува и доаѓа, кажува што да правиме. Значи, на крај се покажа дека тоа повеќе личеше на штаб на СДСМ, отколку на СЈО кое треба да се занимава со некој висок криминал – вели Кадриу.

Македонски



