
Образованието е заедничка општествена одговорност. Министерството за образование и наука не може самостојно да креира ефективни и долгорочни образовни политики доколку тие не произлегуваат од реалните потреби и предизвици што ги посочуваат општествените чинители. Во таа смисла, особено значајна е улогата на бизнис заедницата, која најдобро ги согледува динамичните барања на пазарот на трудот и потребата од практично применливи знаења и вештини.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната конференција на тема „Градење иднина – практични вештини за новата генерација“, што ја организираше Стопанската комора на Македонија заедно со амбасадата на Швајцарија, во рамки на проектот „Образование за вработување во Македонија“.
-МОН има воспоставено исклучително конструктивен и отворен дијалог со Стопанската комора на Македонија и со Амбасадата на Швајцарија, која континуирано низ годините наназад е наш силен поддржувач за градење современ, квалитетен и инклузивен образовен систем. Заедно сме насочени кон развивање на квалитетни практични вештини кај младите генерации, а моделот на дуално образование се покажа како најдобар механизам преку кој ја остваруваме оваа цел. Денес, околу 700 компании активно се вклучени во обезбедувањето практична настава за учениците и ќе посочам дека всушност – стручното образование е силната страна на нашиот образовен систем, рече Јаневска.
Министерката информираше дека над 70% од учениците од последните две генерации кои се запишуваат во средно образование, одбираат да учат во средни стручни училишта и во седумте регионални центри за стручно образование и обука, каде добро се подготвуваат за брз и успешен настап на пазарот на труд, но и стекнуваат квалитетна основа за понатамошна академска надградба.
-Немам дилема дека ќе успееме образовниот систем целосно да го синхронизираме со потребите на младите, на економијата и на целото општество. Но, свесни сме дека тоа бара време. И затоа, барам поддршката од бизнис заедницата и нашите меѓународни партнери да продолжи. Да ја одржиме соработката и понатаму да нудиме заеднички одржливи политики и решенија во образованието, додаде Јаневска.
На конференцијата се обратија и заменик амбасадорката на Швајцарија, Михал Харари и извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев, по што следуваа повеќе панел дискусии поврзани со подготовката на младите за вклучување во бизнис секторот.

Македонски









