
Нерешените билатерални прашања меѓу членките од ЕУ и земјите кои не се членки на Унијата треба да се решаваат билатерално и тие не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство, се наведува во Предлог-извештајот за Стратегијата на ЕУ за проширувањето на Европскиот парламент, во кој се потенцира дека некои од државите кои се стремат да се приклучат кон блокот веќе со години имаат статус на кандидати за членство.
Проширувањето е една од најсилните алатки на ЕУ во надворешната политика и геополитиката и останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мир, стабилност и просперитет во Европа врз основа на заеднички демократски вредности и претставува историска можност со значајни социо-економски, политички и безбедносни предности и за ЕУ и за земјите опфатени со процесот на проширување, се нагласува во Извештајот.
При денешната презентацијата на документот пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, известувачот, литванскиот европратеник Петрас Ауштевичиус изјави дека ЕУ мора да има стратегија за проширувањето, а не само еднократен план, и дека не смее да дозволи тој процес да биде држен во заложништво од која било земја членка, бидејќи се работи за обединување на Европа и зближување на Европејците.
На европеизацијата гледам како на неизбежна платформа за која европските земји можат да дадат придонес, да имаат корист од неа и да живеат заедно на долг рок, рече Ауштевичиус.
Според него, проширувањето е особено важно во услови на руската агресија врз Украина и обидите на Русија да предизвика поделби во Европа и да оствари влијание врз одредени европски земји, со што ги прави послаби и „зависни од Руската империја“.
Ауштевичиус истакна дека земјите кандидати за членство на својот пат кон ЕУ минуваат низ процес на трансформација, адаптација и сеопфатни реформи и напредокот на секоја од нив треба да се оценува според индивидуални заслуги.
Од друга страна, според литванскиот либерален европратеник, ЕУ мора да ја одржи функционалноста на пристапниот процес, па затоа мора да премине кон носење одлуки со квалификувано мнозинство и тоа мора да го направи навремено и на најтранспарентен начин.

Земјите опфатени со проширувањето не се тампон зона на ЕУ, тие се идни членки на нашата заедничка Унија и потребна им е практична прилагодливост, индивидуална интеграција и структурна финансиска поддршка. Цврсто верувам дека секоја земја кандидат посветена на членството, преку реформи и наша поддршка може да ја постигне својата цел и да стане полноправен член на нашата заедница, додаде Ауштевичиус.
Во Предлог-извештајот се потенцира дека проширувањето е процес базиран на заслуги и секоја земја кандидат мора да биде оценета според сопствените заслуги во спроведувањето на Копенхашките критериуми, усогласеноста со законодавството на ЕУ и исполнувањето на сите дополнителни услови утврдени во рамката за проширување.
Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите и почитувањето на основните права, вклучително и правата на малцинствата, мора да останат водилки на процесот на проширување, при што независноста на судството, борбата против корупцијата и вклучувањето и поддршката на граѓанското општество се клучни предуслови за напредок на патот кон членство во ЕУ, особено во време на растечки авторитарни тенденции, се вели во Извештајот.
Во него се посочува дека проширувањето е од најголема стратешка важност за ЕУ во услови на руската воена агресија врз Украина и други заеднички геополитички предизвици, што бара долгорочна политичка демократска визија и храбри одлуки.
Проширувањето е добитна опција и за сегашните и за идните земји членки и политичка итност од демонстрирање на посветеноста на ЕУ кон процесот на проширување. Проширувањето на ЕУ ќе ја зајакне европската безбедност. Иднината на Западниот Балкан, Украина и Молдавија е во рамките на ЕУ, се нагласува во извештајот.
Според документот, пристапувањето има и суштинско значење во поттикнувањето на регионалното помирување и стабилност, зголемување на отпорноста и заштита на земјите кандидати од штетно надворешно мешање.
Одржувањето и зајакнувањето на политиката на проширување е неопходно за влијанието на ЕУ во регионот и пошироко, особено во време на зголемена геополитичка нестабилност, се додава во Предлог-извештајот.

Од таму во него се охрабруваат земјите кандидати да продолжат решително да ги спроведуваат потребните реформи и да се усогласуваат со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како суштински индикатор за нивната посветеност на основните вредности и принципи на Унијата и на подготвеност за идно членство.
Во извештајот се посочува дека „процесот на подготовка за проширувањето“ треба да се одвива паралелно и во ЕУ и во земјите кандидати и се повикуваат европските институции да ги преземат потребните реформи за да се осигура дека нивното неспроведување нема да го одложи пристапувањето на новите земји членки.
(ЕП ) го повторува својот повик за подобрување на капацитетот на ЕУ за одлучување преку воведување на гласање со квалификувано мнозинство во областите релевантни за процесот на пристапување, се вели во документот, при што се додава дека одлучувањето со консензус треба да се користи само за почеток на процесот на преговори, како и за отворањето и затворањето на поединечните преговарачки кластери и поглавја.
Во документот се изразува жалење што прекумерната употреба на консензусот постојано го забавува проширувањето на ЕУ и се потсетува дека член 49 од Договорот за ЕУ овозможува премин кон одлучување со квалификувано мнозинство без негови измени.
Се признава важноста на широката примена на постепената интеграција во заедничките политики на ЕУ, како што е единствениот пазар, на земјите кандидатки кои постигнуваат значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ. Иако постепената интеграција на земјите кандидатки може да им помогне да го спроведат законодавството на ЕУ и со тоа да ја направат транзицијата кон членство полесна, таа не може да го замени полноправното членство во Европската Унија. (ЕП) го повторува својот предлог дека процесот на проширување треба да биде поддржан со рано вклучување на земјите кандидатки во функционирањето на институциите на ЕУ, на пример преку статус на набљудувач во надлежните тела и институции, вклучително и во Парламентот, се додава во документот.
Останатите европратеници учесници во дебата што уследи по презентацијата на Извештајот, изразија поддршка на процесот на проширување преку почитување на принципот на индивидуални заслуги на секоја од земјите кандидати и на поставените критериуми за членство. Дел од пратениците, ја нагласија и потребата од промена на начинот на одлучување со премин од консензус кон квалификувано мнозинство во меѓу фазите од преговорите, со цел да се оневозможи блокирање на одредени земји и одолговлекување на преговарачкиот процес.
Како што најави претседателот на АФЕТ, Дејвид Мекалисер на крајот од дебатата сега европратениците имаат рок до 2 декември да поднесат амандмани на Предлог-извештајот, по што тој најверојатно ќе биде ставен на гласање на седницата на Комитетот предвидена за 15 јануари следната година, и доколку се оди според планот, како што рече, документот би можел да биде усвоен на февруарската пленарна сесија на Европарламентот.

Македонски








