
По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиумите информираше дека бројот на хоспитализирани пациенти моментално е 162, а 10 од пациентите кои лежат во државата денеска ќе бидат испишани и пуштени на домашно лекување.
Моментално во Клинички центар се хоспитализирани 25 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ се 12 пациенти, во Стара градска болница 11 пациенти и во Клиничка болница Штип 1 пациент, а во приватните болници има 9 пациенти.
На лекување надвор од државата се 115 пациенти.
Во Србија се 30 пациенти од кои двајца се екстубирани, во Бугарија 15 пациенти од кои што тројца веќе се екстубирани, сите се во стабилна состојба а некои се покритични, во Грција 12 пациенти од кои двајца критични, во Турција веќе 6 од пациентите се екстубирани. Во Шпанија се 7 пациенти, во Австрија 5 пациенти и двајца од тие пациенти се префрлени на оддел. Во Унгарија се хоспитализирани 6 пациенти, од кои веќе еден е фебрилен и еден со кашлица, а другите се во стабилна состојба, во Хрватска се 5 пациенти, еден е интубиран стабилен, а другите 4 се сосема стабилни. Во Словенија се 4 пациенти од кои 3 се во посериозна состојба, во Литванија 4 пациенти од кои едниот е веќе екстубиран, Белгија 4 пациенти во стабилна состојба, Италија 4 пациенти кои се веќе на нога и можеби идната недела ќе зборуваме за протоколи за враќање на овие пациенти. Во Шведска се 4 пациенти од кои 2 во сосема стабилна состојба и во Полска се двајца пациенти од кои само едниот е интубиран – посочи министерот.
Воедно, министерот информираше дека се завршени упатувањата на повредени пациенти во странство.
-Веќе од овој состанок зборувавме за враќање на пациенти, од одредени држави има најави за враќање, ќе подготвиме протоколи и ќе бидат тука прегледувани пациентите, по што тие што се во добра состојба може да се пуштаат дома. Следниот предизвик со кој ќе се соочуваме се инфекциите, ќе бидеме максимално внимателни да превенираме се што можеме за да нема компликации, рече министерот.