
Градоначалникот на општина Пехчево, Александар Китански, во просториите на локалната самоуправа го потпиша договорот за реконструкција на Домот во село Панчарево.
Со овој проект се предвидува комплетно уредување и модернизација на просториите на Домот, кои во иднина ќе бидат ставени на располагање за потребите на жителите и ќе служат како место за различни културни, образовни и општествени активности.
Средствата за реализација се обезбедени од Бирото за регионален развој, а изведувач на градежните работи е компанијата „Градежник Инг ДООЕЛ“ – Берово. Работите ќе почнат утре, а според договорот треба да бидат завршени во рок од два месеци.
Градоначалникот Китански изјави дека проектот претставува значајна инвестиција за подобрување на условите за живот во руралните средини и ќе придонесе за заживување на социјалниот и културниот живот во Панчарево.
Со реконструкцијата на Домот жителите ќе добијат современ и функционален простор кој ќе биде центар на собири, настани и активности од значење за заедницата. Општина Пехчево и натаму ќе продолжи со проекти кои го подобруваат квалитетот на животот во сите населени места, изјави градоначалникот.
Ова е еден од повеќето проекти кои општината ги реализира во соработка со државните институции за да обезбеди рамномерен регионален развој и подобра инфраструктура за граѓаните.