Skip to main content

Гордан Георгиев: Или сега или никогаш, Македонија мора да се промени длабоко одвнатре

Познатиот граѓански активист и интелектуалец Гордан Георгиев испрати силна порака до јавноста по трагедијата во Кочани, повикувајќи на длабока лична и колективна реформа. Во својот текст, Георгиев истакнува дека жалоста не смее да остане само емоција – туку мора да стане поттик за системска промена.

„Мртвите нема да ги вратиме, но дали тие ќе не’ вратат во живот?“, прашува Георгиев, повикувајќи секој граѓанин да ги затвори сопствените „дуќанчиња“ – метафора за клиентелизам, врски, лични интереси и идеолошки капсулирања што ја разградуваат државата одвнатре.

Неговата објава на социјалните мрежи ви ја пренесуваме во целост:

Мртвите нема да ги вратиме, но дали мртвите ќе не’ вратат во живот?!?
Судбина ни била да останеме овде, под ова небо, после Кочани. Оваа судбина ја споделуваме сите ние, граѓани кои живееме на оваа територија, оние кои останавме живи.
А како се живее после ОВА? На истекот на седумте дена тага по кошмарот кој ни се случи, додека роднините пријателите, комшиите, соучениците уште не можат да се совземат од болка заради ужасната смрт на нивните најблиски, ние останатите, живи мртовци, мораме да почнеме да делуваме. А ќе можеме ефективно да делуваме само ако прво делуваме индивидуално, а потоа колективно.
Тоа значи најпрво, секој од нас да си ги преброи личните “дуќанчиња” (јас ги избројав за себе, имам 5-6 такви дуќанчиња) и да си ги затвори, со катанец. Тоа значи дека секоја врска, врскичка, имам братучед таму, ќе подмачкам, не се секирај, имаш ли бе чоек таму, абе слушнав си бил близок со неа….сето тоа ќе си го закопате два метри под земја, ќе го погребете. Без тоа нема напред, шансите ни се речиси никакви.
Под дуќанчиња не мислам само на софт и хард корупција и фаќање врски, туку мислам и на разно- разни идеолошки дуќанчиња, персонални преференци, можности за позиции и поголема плата или проект, тага за минатото, можеби и неправда или грев што претходно ви ги направиле овие или оние…Не, не, се’ ќе тргнете на страна.
Второ, откако тоа ќе го направиме, ќе треба да им дадеме полна поддршка на овие што се сега во позиција да го направат тоа за нас. А во позиција се да го направат тоа затоа што и тие се преплашени, и тие се пеплосани, претпоставувам дека се согласувате дека и тие се луѓе. Верувајте, сурово политички кажано, никој не сака ваква хаварија на 9 месеци од почетокот на силен мандат. Преплашени и треба да бидат, и за себе и од нас, но ние мораме да видиме дали се всушност ПРЕКРШЕНИ. Прекршени дека сега или никогаш треба да се средат работите. Искрено, делуваат прекршено, но наша работа е да ги следиме на секој чекор, во секој миг, на секоја кривина. Се разбира, откако претходно сме си ги затвориле дуќанчињата, нели?
Гледам опозицијата доста внимателно се однесува, и тоа е добро, грчот е голем, влогот е државата и целокупниот опстанок на ова општество. Добро знаете дека сите тоа го шепкаме: ова не е држава, не не’ бива, пак исто ќе биде. Со оваа, би рекол здрава доза на скепса и неверица, треба до крај да ги поддржиме овие кои сега се во можност тоа да го направат. Бидејќи, реално, немаме second best. Власта е во ран мандат, на опозицијата и’ треба време да се консолидира, неаме секонд бест.
Затоа, сите џавкања кои доаѓаат од зачадената смрдлива внатрешност на нашите лични дуќанчиња, треба да ги игнорираме и осудиме. Сите добронамерни поддршки треба да ги охрабриме. Бидејќи верувајте, а тоа вие добро го знаете, веднаш ќе осетиме ако не’ прелажат, ако не’ одведат жедни преку вода… низ годините развивме перверзен инстинкт за препознавање на лагата, но и злокобен порив за „препакување“ на нашата вистина. Е тогаш, а и на секоја попатна станица, ќе излеземе на улица, таа не ни бега иако и таа, улицата, многупати досега се покажа како лажовна. Протестот, во индивидуална или колективна форма, го гледам како „протест во ентелехија“, како бивање на штрек 24/7, како поттик да се истераат работите и како кочница да не се претвори ова во лов на вештерки, селективна правда или етничка правда. Можеби сега му е мајката? Што мислите?

Поврзани вести