
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска, на средба со новинарите информира дека ги повикал координаторите на пратеничките групи да им пренесат на пратениците дека треба да го сочуваат дигнитетот на Собранието и да го почитуваат етичкиот кодекс во меѓусебната комуникација како внатре во законодавниот дом така и надвор од него. Гаши потврди дека овој свој став го изнел на денешната редовна координативна средба во Собранието по минатонеделната преписка на социјалните мрежи помеѓу пратениците Димитар Апасиев од Левицата и Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

– Го иницирав прашањето на дигнитетот и етичкиот кодекс во врска со начинот како се однесуваме како пратеници и во Собранието и надвор од него и ги замолив координаторите да им укажат на сите пратеници да бидеме сите повнимателни едни кон други, а исто и кон граѓаните, затоа што во односот што го имаме ние еден наспроти друг, честопати го уриваме и нашиот личен дигнитет, но и на Собранието – рече Гаши.
Политичките ставови, додаде тој, може да ги искажеме на говорница, каде што сакаме јавно, но не мора, да се понижуваме на таков начин едни со други.
На новинарски прашања Гаши информира дека пратеничките групи, освен Левицата, сè уште немаат доставено предлози за членови за анкетната комисија за Кочани и за другите несреќи. Што се однесува до процедурата, рече претседателот на Собранието, сè е почитувано. Иако најавија, до петокот СДСМ не доставил имиња за членови на анкетката комисија. – Можеме да зборуваме на координацијата и за ова – рече претседателот на Собранието.

Македонски



