
Општина Маврово и Ростуше под мотото „Гради ја иднината во твојот роден крај“ упати порака до завршените деветоодделенци, образованието да го продолжат во средното општинско училиште „Маврово и Ростуше“ во Ростуше.
Денеска почна уписот во прва година во сите средни училишта во државава, а со тоа и во нашата општина. Пријавувањето е по електронски систем и трае до 15 јуни. Запишете се во општинската гимназија и градете ја иднината во вашиот роден крај. За првпат во учебната 2026/ 2027 година доделуваме 12.000 денари еднократна парична помош за секој запишан ученик во прва година, стои во објавата на Општината.
Се додава дека ќе следува и дополнителна парична поддршка, чиј износ ќе зависи од постигнатиот успех.
Останете блиску до семејството, учете во модерна средина и подгответе се за глобални успеси- порачуваат од општината потсетувајќи дека второто пријавување од првиот уписен рок е на 16 и 17 овој месец.
Според Конкурсот на Министерството за образование и наука, во оваа, единствена средношколска установа во општината, во прво година квотата за упис изнесува 34 ученици во една паралелка-гимназиска насока, со настава на македонски јазик.
Поради масовната миграција бројот на учениците, како во четирите основни училишта, така и во гимназијата од година во година е сè помал.

Македонски



