Skip to main content

ДЗР: Комисијата за заштита на конкуренцијата самата во 2024 година ја ограничила конкуренцијата при набавка на мобилни телефони и користење такси

Комисијата за заштита на конкуренцијата, чија улога е да „лови“ нефер трговски практики и да ја заштитува конкуренцијата, купила три мобилни телефони, со техничката спецификација дефинирана на начин што дадените карактеристики упатувале на конкретен производител и производи, што е спротивно на Законот за јавни набавки.

Ова е еден од наодите што ги утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) проверувајќи ги  финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2024 година.

„За набавката на мобилни телефони договорниот орган ја дефинирал техничката спецификација така што дадените карактеристики упатуваат на конкретен производител и производи, што не е во согласност со член 82 став 8 и 9 од ЗЈН, во кој е утврдено дека договорниот орган не смее да дефинира технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство, изведба, определен процес или трговски марки, патенти, видови или специфично потекло на стоки со цел фаворизирање или елиминирање определени економски оператори или определени стоки. За оваа набавка склучен е договор во износ од 209 илјади денари со ДДВ“,се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизорите наишле на податок и дека во тендерската документација и огласот за набавка на услуги за такси-превоз, како критериум за избор на најповолен понудувач е предвидено дека, договорниот орган ќе користи економски најповолна понуда врз основа на најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот. Сепак:

„Максималниот број на бодови за цена е 40, а за квалитет 60, но не е опишан начинот на доделување на бодови, што не е во согласност со член 99 став 2 од ЗЈН. Вредноста на склучениот договор е 210 илјади денари со ДДВ. Наведените состојби има за ефект ограничување на конкуренцијата и фаворизирање на одредени економски оператори“,заклучува ДЗР.

Нема евиденција за изречени глоби

Ревизијата покажала и дека материјалната и сметководствената евиденција на Комисијата за заштита на конкуренцијата не се усогласени поради отсуство на вредносни показатели во пописните листи и дека нема преземено мерки за заштита на имотот преку осигурување. Нотирано е и единствена евиденција на предмети за кои се изречени глоби. По забелешка на ревизорите, се коригирале.

„Утврдивме дека во Комисијата не е воспоставена пракса за единствена евиденција на предметите и побарувањата по истите, што може да доведе до ненавремена наплата, односно нивно застарување што не е во согласност со член 6 став 2 од Закон за сметководството на буџетите и буџетските корисници каде е уредено дека буџетските корисници се должни да водат деловни книги кои обезбедуваат еднообразни евиденции и други облици на евиденции со кои се обезбедуваат согледувања за состојбата и за движењата на средствата, обврските, изворите на средствата, приходите и другите приливи, за расходите и другите одливи и резултатот од работењето. Истакнуваме дека во текот на ревизијата изготвена е евиденција на активни предмети во 2024 година, за кои се издадени решенија до правни лица и висина на изречени глоби, како и статусот на предметот“,велат од ДЗР.

Во 2024 година, кога Комисијата била предмет на ревизија, таму работеле 25 луѓе. Иако законот налага, Комисијата не водела евидентен лист за присуство на работа на работниците со наведување на податоци за почетокот и завршетокот на работното време.

„Евидентните дневни листи кои биле водени во 2024 година не ни беа доставени на увид, со образложение дека е поминат подолг период и не можат да ги најдат. На увид е доставена евиденција за три месеци по избор на ревизијата, за 2025 година, во која не е евидентирано присуство на членовите на Комисијата“,се вели во ревизорскиот извештај.

Со извршената ревизија, ДЗР изразува мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и за усогласеноста на Комисијата со законската регулатива, упатства и воспоставени
политики.

Целиот извештај на ДЗР може да го прочитате овде.

Поврзани вести