
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2026 година изнесувала 49.544 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во споредба со мај 2025 година, просечната нето-плата е зголемена за 8,2 отсто, додека во однос на април годинава бележи раст од 1,6 отсто.
Најголем придонес во годишното зголемување има растот на платите во секторот снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и санација на околината, каде што просечната нето-плата е повисока за 11,9 отсто.
Следуваат секторите уметност, забава и рекреација со раст од 11,3 отсто и транспорт и складирање со зголемување од 10,9 отсто.
Во споредба со претходниот месец, најголемо зголемување на просечната нето-плата е регистрирано во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли, за 6,3 отсто.
Во рударството и вадењето камен платите пораснале за 5,8 отсто, а во секторот транспорт и складирање за 5,7 отсто.
Просечната нето-плата во периодот од јануари до мај 2026 година изнесувала 47.905 денари и била за 7,8 отсто повисока во споредба со истиот период минатата година.
Реалната нето-плата, со вклучено влијание на инфлацијата, во мај била за 3,2 отсто повисока на годишно ниво.

Македонски


