
Врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување, Советот на Агенцијата на денешната 14 седница одлучи да поведе прекршочни постапки против ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од Локалните избори 2025, соопшти АВМУ.
Спротивно на Изборниот законик, ТВ Компани 21-М на 18 октомври, првиот ден од изборниот молк, емитуваше реприза на посебната информативна програма Клик плус – Изборни дебати, премиерно емитувана на 17.10.2025, реализирана како дебата во која учествуваат тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, односно емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите.
ТВ Шутел на 18 и 19 октомври за време на двата дена од изборниот молк, емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите, односно емитуваше музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари, стои во соопштението од АВМУ.