Skip to main content

Државата се организира за враќањето од странство на дел од повредените во пожарот во Кочани

Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска се одржа состанок со претставници од Министерството за здравство, Службата за општи и заеднички работи на Владата и Кабинетот на Претседателот на Владата, со цел координација и организација на процесот на репатријација на македонските пациенти кои се на лекување во странство, по трагедијата во Кочани.

На 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи пожар во кој животот го загубија 59 лица, претежно деца и млади и над 200 беа повредени. Во моментов 116 лица се лекуваат во странство, во 14 различни држави.

На состанокот присуствуваа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за здравство, Арбен Таравари, директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, Сашо Клековски, директор на Фонд за здравство како и претставници на сите надлежни институции.

Во фокусот на состанокот беа практичките и техничките аспекти поврзани со враќањето на пациентите кои успешно ја завршиле фазата на болничко лекување, како и на нивните семејства, со цел процесот да биде реализиран навремено и координирано, соопштуваат од Министерството.

Меѓуресорската координација ќе продолжи и во наредниот период, при што внимателно ќе се следи состојбата на пациентите, а институциите, како и досега, ќе постапуваат усогласено и одговорно.

Јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни активности.

Поврзани вести