Skip to main content

Десет години Евхаристија на Крчин

Бигорски манастир

Во пресрет на празникот Свето Преображение Господово, по десетти пат се одржа возобновената традиција на служење на Света Евхаристија на планинскиот врв Голем Крчин.

Под небесниот свод на планината Дешат, со благослов Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, повеќе од двеста верници, монаси и планинари се собраа на врвот Крчин, на надморска височина од 2.341 метри за да го прослават десетгодишниот јубилеј од првата Божествена Литургија на неговите височини.

Врвот, кој како природен моќен стражар се издига над живописното подрачје на Река, и овој пат се претвори во свет олтар под отворено небо, каде што се вознесе бескрвната и таинствена евхаристиска жртва како благоухан темјан пред престолот Господов, објавија од Бигорскиот манастир.

Евхаристија служеше архимандрит Кирил од братството на Бигорската света обител, а духовната радост на сите присутни оваа година беше тројна. 

Како што нагласи отец Кирил во својата беседа на крајот од Литургијата, оваа година литургиското восходење на Крчин е посветено на три значајни јубилеи од животот на нашата Обител: триесет години од замонашувањето на нашиот возљубен старец, владиката г. Партениј, и од возобновата на монаштвото кај нас; пет години од неговата архиерејска служба – полудеценија на архипастирска грижа и љубов кон своето словесно стадо и десет години од востановувањето на литургиското богослужење на Крчин – декада на благословено предание, со кое небесата се приближуваат до земјата, стои во објавата од манастирот.

Од манастирот посочуваат дека овој славен јубилеј останал запечатен во срцата на сите присутни како жива потврда дека Црквата Христова е вечна и неограничена со простор и време, и дека таму каде што верните се собираат околу Телото и Крвта Христови, таму е „домот Божји, вратата небесна“.

На врвот Голем Крчин, во 2016 година, за првпат, по 80 години, беше отслужена Литургијата на местото каде што некогаш имало храм посветен на Преображението Господово, а денес стојат само остатоци од него.

Поврзани вести