Skip to main content

Делчево се поклони пред делото на Св. Климент Охридски – својот духовен заштитник

Во Општина Делчево беше одбележан празникот посветен на Свети Климент Охридски – словенски просветител, духовен учител и еден од најзначајните црковни и културни дејци во македонската историја. 

По тој повод, делегација предводена од градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, претставници од локалната самоуправа, како и директорот на ООУ „Св. Климент Охридски“, Димитар Видимлиски, положија цвеќе пред спомен-обележјето на светецот и оддадоа почит кон неговиот лик и дело.

Градоначалникот Гоцевски истакна дека Свети Климент Охридски претставува темелна фигура во формирањето на словенската писменост и духовност, а неговото просветителско наследство е трајно врежано во македонската култура. 

Делото на Свети Климент е темел врз кој се градела нашата образовна традиција. Тој е симбол на посветеност, знаење и духовна сила“, рече Гоцевски.

По положувањето цвеќе пред бистата на патронот ученици од истоименото училиште прочитаа реферат за Свети Климент Охридски.

Роден во IX век, Св.Климент Охридски бил еден од најблиските ученици на светите Кирил и Методиј и продолжувач на нивната мисија за ширење на словенската писменост и христијанската вера. По мисијата во Велика Моравија, Климент пристигнал на територијата на денешна Македонија, каде го основал прочуеното Охридско книжевно училиште – првата словенска школа на Балканот и една од најстарите образовни институции во Европа“, истакнаа учениците пред присутните.

Неговото богато творештво, кое опфаќа богослужбени книги, преводи и поучни текстови, одиграло клучна улога во развојот на старословенската писменост и во описменувањето на населението. Благодарение на неговата просветителска мисија, низ вековите бил сочуван духовниот, културниот и националниот идентитет на македонскиот народ.

Со денешното одбележување, Делчево уште еднаш се поклони пред делото на својот духовен заштитник, кој и денес претставува пример за мудрост, хуманост и просветителска посветеност. Претходно по повод патрониот празник беше одржана и Свечена Академија како и спортски натпревари во футсал и одбојка. 

Поврзани вести