
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, оствари работна средба со претставници на Македонско-турската стопанска комора – МАТТО, во рамки на програмските заложби за унапредување на економските активности и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Како што информираше Гоцевски во соопштението за јавноста, средбата била инспиративна и плодотворна, со посебен акцент на воспоставената комуникација, заедничките интереси и целите за продлабочување на соработката меѓу Делчево и Република Турција.
Разменивме идеи и можности за јакнење на економските врски, кои, како што беше посочено, се присутни и се негуваат со децении наназад. Средбата се одржа во конструктивна и пријателска атмосфера, при што биле разгледани и потенцијалите за соработка со збратимените градови од Турција, како и можностите за нови заеднички иницијативи во повеќе области“, истакна Гоцевски.
Од претставниците на Стопанската комора, градоначалникот потенцираше дека добил значајни информации за улогата што МАТТО ја има во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете држави, при што, како што дополни, било нагласено дека културните традиции претставуваат цврста основа за развој на секоја идна соработка.
Убеден сум дека турскиот народ кој живее и работи во Делчево може да биде силен мост за поврзување на двете држави, што претставува дополнителна основа за продлабочување на пријателството и соработката на сите нивоа“, истакна Гоцевски.

Македонски




