
Болните деца кои ќе се лекуваат во болница или дома повеќе од три недели ќе имаат можност да следат онлајн-настава, да имаат индивидуална настава или да добиваат материјали и да ги извршуваат домашните задачи.
Децата болни од рак не смеат и не можат да бидат изолирани од општеството, не може нивните секојдневни потреби да бидат прекинати, и не смеат да бидат заборавени. Ние како општество сме должни да им помогнеме да ја поминат оваа борба што секојдневно ја водат, рече Јаневска.
Министерот за здравство Азир Алиу додаде дека со Јаневска се договориле за ангажирање и на психолози и педагози за реализација на иницијативата.
Ние како Министерство за здравство создадовме технолошка и инфраструктурна основа за следење настава на далечина. Од денес, заедно со министерката и директорот, се договоривме, покрај инфраструктурата и мултимедијалните материјали, да имаме и нов пристап – да ангажираме и педагози и психолози.“, изјави Алиу.
Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, изјави дека вклучувањето на болните деца во формалниот образовен процес овозможува полесно справување со долготрајниот третман. Марија Вук, претседателка на здружението за деца со рак „Сано“, го оцени ова како значаен чекор.
Првпат се применува формално образование за децата што подолг период престојуваат во болница или се лекуваат дома поради тешки здравствени состојби, како што се малигни заболувања и други.“, вели Мемеди.
Морам да признаам дека нашите 10 години не се толку тешки како барем еден ден на децата во болница. Се надевам, и уверена сум, и веруваме дека со овој проект, со воведувањето на формалното образование, децата ќе имаат можност побрзо и полесно да оздрават и да се вратат во друштво со своите другарчиња.“, рече Вук.
Во моментов на Клиниката за деца има околу 20 пациенти, но бројката варира. Кај децата со малигни болести, третманот понекогаш трае и до две години, зависно од самата патологија.