
Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека во случајот со Асмир Јахоски институциите треба веднаш да преземат активности и да се провери начинот како тој го добил тој времениот пасош и да биде разрешен судијата кој му го дал овој времен пасош.
– Кога станува збор за случајот со Асмир Јахоски едно е јасно, дека институциите треба веднаш да преземат активности. Прво, треба да се провери начинот како го добил тој времениот пасош и второ следствено на ова, веднаш да биде разрешен истиот судија којшто му го дал овој времен пасош – рече тој во одговор на новинарско прашање за коментар за по изјавата на судските власти, дека гаранцијата од околу 2 милиони евра е доволна да му се издаде пасош на Јахоски, за напуштање на државата.
Доколку на секој осомничен за криминал, ако сака да ја напушти државата, да оди на некакви забави надвор од државата, судот му дава пасош или му го враќа или му дава времен пасош, нагласи, во земјава би настанал тотален хаос.
Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, за кого Судот има определено мерки за претпазливост во рамки на истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ Неготино, надвор од државата патувал со исправа со ограничен рок на важење, информираа вчера за МИА од МВР.
Излез од држвата Јахоски остварил на Граничниот премин Богородица во петокот на 30 мај и се вратил во државата преку истиот граничен премин денеска на 2 јуни.
„Лицето за кое прашувате остварило излез од Република Македонија на Граничен премин Богородица на 30.05.2025, а се вратило во државата на 02.06.2025 преку Граничен премин Богородица. Имено лицето извршило излез од државата со патна исправа со ограничен рок на важење издадена од МВР по претходно донесено Решение КСЖ бр. 540/25 од 29.05.2025 на Апелационен суд со кое се дава согласност на лицето А.Ј. да му се издаде патна исправа со ограничен рок на важење“, се вели во одговорот од МВР.
Јахоски, вчера претпладне се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување во Судот, потврдија од Кривичен за МИА.