Skip to main content
Сиљановска-Давкова им врачи признание „Инженерски прстен 2025“ на 14 најуспешни дипломирани инженери

Цврсто верувам дека само учени луѓе може да разберат и да поддржат наука и научници како вас  –носители на драгоцени инженерски прстени, чувајте ги!

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели „Инженерски прстен 2025“ на 14 најуспешни студенти, дипломци на инженерски факултети во рамките на универзитетите: „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св.Климент Охридски“ – Битола,  „Гоце Делчев“ – Штип и Државниот универзитет – Тетово.

Свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид.

Добитници на „Инженерски прстен 2025“ од УКИМ – Скопје,  годинава се: Фросина Станковска – Архитектонски факултет, Марко Ѓорѓиоски – Градежен факултет, Харитина Сакова – Машински факултет, Васка Зарковска – Технолошко-металуршки факултет, Сара Ацковска – Факултет за земјоделски науки и храна, Димитар Пешевски – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Кирил Христовски – Природно-математички факултет, Теа Костадинова – Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Рената Павлеска – Факултет за електротехника и информациски технологии.

Наградени студенти со „ Инженерски прстен“ 2025 од УКЛО – Битола се: Катерина Стојкоска – Технички факултет и Софи Гајтановска – Факултет за информатички и компјутерски технологии.

Од УГД Штип, носители на наградата се: Сара Панева – Факултет за природни и технички науки и Бојана Тасева – Факултет за информатика.

Од ДУТ, признанието го доби Гзим Дервиши – Факултет за применети науки.

За претседателката, инженерскиот персонифицира нераскинлива врска со умот, знаењето, истражувачкиот дух, посветеноста, упорноста, компетитивноста.

Сиљановска-Давкова, честитајќи им го на добитниците престижното признание, ја истакна важноста од континуираната подршка на образованието и науката, како најдобра општествена инвестиција.

Таа ја реафирмира потребата од развојна образовна политика, компатибилна со регионалната и европската, насочена кон наша интегрирација во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот истражувачки пазар.

Според неа, само образовани и компетенти луѓе на политички и управувачки позиции можат да ја разберат и поддржат науката.

Андреј Лепавцов, претседателот на Инженерската институција на Македонија, им порача на најдобрите инженери во прстенот да гледаат не само признание, туку и обврска и предизвик за поголемо знаење и повисоки стандарди на квалитет.

„Наша должност е да ве поддржуваме во секоја фаза од вашата професионална кариера. Ние ќе бидеме тука да ве поврземе со индустријата, да ви помогнеме да ги продолжите вашите академски патеки“, рече тој и нагласи дека институцијата со која раководи ќе ги охрабрува да се вклучат во креирањето на инженерската политика на државата.

Кристинка Чулак, претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери ги поттикна наградените на љубопитност, храброст, посветеност и упорност на идниот научен пат.  

„Каде и да ве одведе животот, посакувам да бидете свесни од каде потекнувате и секогаш грижете се за својата родна земја“, им порача Чулак и додаде дека државава се надева на нивната професионална поддршка.

Манифестацијата „Инженерски прстен“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, а во организација на „Инженерската институција на Македонија“ и на „Комората на овластени архитекти и овластени инженери.“

Во продолжение  е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Чинам дека нема подобар простор за промоција на најдоброто во инженерството од овој, на кој никнал Климентовиот универзитет. Причината лежи во фактот дека нашите цркви имаат традиција на црковно-училишни општини. Замислете град со 365 цркви, значи, со 365 училишни општини. Затоа мислам дека час поскоро, треба да се догради Универзитетот на Плаошник.

Прстенот не е само украс, туку значи врзување за нешто многу важно. Тој значи верност, значи посветеност, значи љубов. Сигурна сум дека дека овој прстен значи многу во вашиот, ама и во нашиот живот.

Кога прифатив да бидам покровителка на една ваква манифестација, како што е Инженерскиот прстен, почувствував голема чест. Да се доделуваат прстени на најуспешните студенти од инженерските дисциплини, не е само сатисфакција и надомест за вашиот труд, за младите инженери, ниту само е потстрек за продолжување по патот на науката и понатамошно усовршување, туку тој чин, мене барем, ми значи потсетување на човечкиот потенцијал кој го имаме, а нема повредно нешто од него, само не секогаш сме свесни за тоа. Ние сме должни да создадеме дополнителни услови за ваше напредување, се разбира, дома, не случајно се раѓаме некаде. Само една татковина секој има, вели Бернард Шо, каде и да одите, се враќате на крајот. За среќа денеска со дигитализацијата и со вештачката интелигенција, можете да бидете истовремено и тука. Одете, натпреварувајте се, докажувајте се, ама враќајте се. Беспредметно е за мене да се зборува за значењето на инженерските професии бидејќи вие не само што ја обликувате сегашноста туку, на сите ни е јасно дека ќе ја обликувате и иднината.

Вие сте тие кои го движите светот, а ние, државата, образовните, научните институции, бизнис-заедницата, граѓанските организации, сме должни да помогнеме да го реализирате она што го поседувате, највредното, знаењето.

Сакам да кажам збор, два и за самото списание „Инженерство“, и не само за него, туку и за посветеноста на Инженерската институција на Македонија. Да, досега вие бевте ветар, некогаш посилен, некогаш поблаг, ама секогаш дувавте во грбот на македонското инженерство. Вие сте своевидно инженерско огледало, инженерски гласник, просветител научен. Затоа ве охрабрувам и понатаму да соберете под тој прекрасен чадор повеќе инженерски здруженија, да продолжите да придонесувате за развојот на инженерството, преку вложување, не само во знаењето, туку, како што веќе рековте, во интегритетот, во професионалноста, во знаењето, во дигнитетот, во моралот, во етиката.

Јас ве уверувам дека во мене и во мојот Кабинет имате искрен поддржувач и партнер, а верувам дека е така и со сите други релевантни институции. Вам сакам да ви посакам да продолжите самите да ги следите соништата, ама и да си ги реализирате идеите, визиите, секогаш да знаете дека тоа што доаѓате од навидум мала земја, воопшто не значи дека не може да имате големи идеи. Тоа се докажало многу пати. Вие аплицирате и имате европско образовно досие, вие сте идејните творци и двигатели на модерниот европски и светски технолошки свет, вие сте идните технолошки лидери. Образованието и науката воопшто не се само професорска, истражувачка и студентска обврска. Нивниот обем, квалитет и домет се резултанта на содејството меѓу образованието, науката, политиката и општеството. Затоа нам ни треба координирана, одговорна и развојна образовна политика. Не е можно да ги задржиме најдобрите и најперспективните без соодветна, пред сѐ, реформирана финансиска политика, пријателска кон најдобрите и почитувачка кон најдобриот квалитет.

Koпенхагенските критериуми, односно европските стандарди, мора да најдат место и примена во финансирањето на високообразовните и научните институции. Ние мора да исчекориме на релевантните високообразовни листи, каде што нè нема, наместо да паѓаме, преку преиспитување, односно реакредитација и реевалуација на образовната мрежа. Мора да се концентрираме на неутрален, објективен пристап, заснован на докази и факти, а не на еднопартиска позадина што продуцира образовна и научна мимикрија наместо валидно образование и наука.

Нам ни требаат европски критериуми за градење на академска кариера. Интензивна регионална и европска научна соработка, интеграција во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот образовен и научен пазар. Мора да го следиме успешниот модел на соседите. И како индивидуалци и како заедница, јас мислам дека веруваме, јас барем верувам во вашите знаења, вештини, креативност. Убедена сум дека не ви недостасуваат хуманизам, благородност и патриотизам. Создавајте модерен, напреден, но, пред сѐ, морален и поумен свет. ИТ-индустријата, континуирано цвета и расте. За среќа, расте и нејзината популарност кај младите и тоа ме радува. За да имаме дигитална иднина, нам ни треба стратегија како да ве задржиме вас, дигиталната младина тука дома – прстенот не е доволен. Или, како да бидеме во постојан контакт интегрирајќи ве како постојан сегмент на општествениот развој.

Мора похрабро да ја зголемиме поддршката на научните истражувања. Мора да ја осовремениме научната инфраструктура, односно лабораториската опрема, да го олесниме пристапот кон базата на податоци, да ги стимулираме фундаменталните истражувања. Научното истражување мора да биде секогаш поддржано со сигурни финансии. Нашите научници од дијаспората можат да бидат подвижен мост кон светската наука, затоа тие ќе добијат заслужено место во Советот за дијаспора, што набргу ќе се конституира.

 Убедена сум, штом моите студенти многу се импресионираа од социјалутопистите и ги прашував зошто: Велат дека не само што биле богати луѓе, туку биле и многу умни, акцентот го ставале на науката, ама и на етиката и на моралот. Се откажувале од богатствата за да создадат градови на сонцето, фаланги… тоа е таа морална димензија.

 Затоа мене многу ме бендисува ставот на Сен Симон, кога вели дека клучот за прогресот и     за развојот е науката и дека без 10 кралеви или цареви, па светот можеби не би станал многу полош, ама без 10 научници сериозно би го почувствувал тоа. Дури и во Платоновата идеална држава управувањето се врзуваше за филозофите, за знаењето, за способноста, за мудроста. Понатаму, имаше дури и ставови според кои Исак Њутн беше рамен на еден светец, а се зборуваше за научна религија, толку веруваа луѓето во науката.

 И јас посакувам меритократија покрај демократијата. Посакувам особено меритократија во администрацијата зашто таа некогаш ги носи клучните одлуки. Посакувам меритократија во дејностите од општ интерес. Посакувам конкурс за сите позиции. Посакувам транспарентна постапка на избор, посакувам одговорност. Цврсто верувам дека само учени луѓе може да разберат и да поддржат наука и научници како вас  –носители на драгоцени инженерски прстени. Чувајте ги.

Поврзани вести