Skip to main content

„Безбеден град“ во Собрание: ВРЕДИ бара поддршка за закон за заштита на човечки животи

Системот „Безбеден град“ се третира како прашање на јавна безбедност и заштита на животите на граѓаните, а не како политичко или партиско прашање. Од коалицијата ВРЕДИ порачуваат дека фокусот на овој систем не е во казните или камерите, туку во спречување сообраќајни несреќи и спасување човечки животи.

Според нив, целта е воспоставување ред и поголема безбедност на патиштата, со што би се намалиле трагичните последици од сообраќајната неодговорност.

„Станува збор за систем кој треба да придонесе никој да не го загуби својот близок поради несовесно однесување во сообраќајот“, наведуваат од ВРЕДИ, додавајќи дека човечкиот живот не смее да биде предмет на политички пресметки или дневни интереси.

Во таа насока, законот за имплементација на системот „Безбеден град“ влегува во собраниска процедура како, што велат, неопходен чекор за зголемување на безбедноста на патиштата и заштита на граѓаните.

Од ВРЕДИ информираат и дека сите акти што ќе ги издава Министерството за внатрешни работи ќе бидат подготвени и доставени на јазиците утврдени со Уставот и Законот, со цел целосно почитување на јазичните права на граѓаните, вклучително и употребата на албанскиот јазик.

Коалицијата ги повикува народните пратеници законот да го разгледуваат надвор од дневнополитичките рамки и да гласаат, како што велат, во интерес на граѓаните, нивната безбедност и заштитата на животот.

„Безбедните патишта се заедничка одговорност и општ општествен интерес“, порачуваат од ВРЕДИ.

Поврзани вести