
По завршувањето на вториот круг од Локалните избори 2025, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, се обрати на прес-конференција со жестоки критики кон двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и кон коалицијата ВРЕДИ.
Тој упати порака и до своите членови и симпатизери, нагласувајќи дека Левица водела кампања со скромни ресурси, но со, како што рече, „огромен ентузијазам“.
„Зарем мислевте дека со 16.000 евра на Фејсбук можевме да победиме ламја која вцица милијарда евра во овие избори? Тие ги имаа милијардите, а ние им се спротивставивме само со едно блендирано комбе,“ истакна Апасиев, додавајќи дека партијата успеала да покаже дека вистинската опозиција постои надвор од традиционалниот политички естаблишмент.
Апасиев најави дека Левица ќе бара измени на Изборниот законик и поголема застапеност во Државната изборна комисија (ДИК).
„Ќе имате пекол во Собранието ако не го измените Изборниот законик и ако не ни дадете член во ДИК,“ порача тој.
Во завршниот дел, Апасиев го пофали кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, кого го нарече „новото лице на Левица“ и „специјалец што достоинствено ја претставил партијата“.

Македонски







