Skip to main content

Андонов: Василево ќе добие нова индустриска зона за зајакнување на економијата и ќе се реши проблемот со водоснабдувањето

Принтскрин од видео

Славе Андонов, кандидат за градоначалник на општина Василево од ВМРО-ДПМНЕ, за претстојните локални избори, се обрати денес од народниот митинг во општина Василево. Тој порача дека изминатите години се доказ за работата, чесноста и посветеноста кон граѓаните, а и дека Општина Василево е стабилна и без долгови. Андонов повика на поддршка на 19 октомври за број 9, со цел да продолжи развојот на општината во современа и урбана.

,Мојата работа секогаш била и ќе остане во интерес на сите вас, затоа што Василево е наш дом, и сите заедно го градиме идниот пат кон подобро утре. Јас денес стојам пред вас не како човек кој ветува празни зборови, туку како човек кој изминативе четири години покажа што значи работа, чесност и посветеност кон народот“, рече Андонов.

Андонов потенцираше дека во изминатите четири години во Општина Василево реализирани се проекти, од изградба на фекална канализација и нов културен дом, до воведување на субвенции и уредување на населените места. Според него, ова покажува дека дадените ветувања се исполнети, а општината денес е стабилна и без долгови. Тој додаде дека и во наредните години ќе се продолжи со ваквото темпо на работа и со нови инвестиции за уште подобар живот на граѓаните.

,,Во Василево ќе се заврши последниот дел од фекалната канализација која опфаќа и дел од индустриската зона, со директна заложба на човекот кој е вечерва меѓу нас, министерот за транспорт Александар Николоски. Ви благодариме министер. Во Владевци и Дукатино ќе изградиме бетонски канали. Во Нова Маала ќе изградиме пат до гробиштата, а во Пиперево улица со атмосферска канализација. Во Василево, по завршување на канализацијата, нема да остане ниту една улица неасфалтирана. Во Добрашинци ќе изградиме мултифункционален центар. Сушево, одбојкарите на нашата гордост ОК „Сушево“, ќе добијат нова спортска сала, затоа што тоа го заслужуваат. Субвенциите ќе продолжат и ќе ги прошириме за уште повеќе категории“, кажа Андонов и додаде:

Нема да има населено место без повеќенаменско игралиште, Едрениково ќе добие ново игралиште, а во Пиперево ќе го реконструираме постоечкото. Општина Василево повторно ќе биде препознатлива по индустриските зони. Ќе изградиме нова индустриска зона за да ја зајакнеме локалната економија. Во Чанаклија конечно ќе ја уредиме централната улица со регулирање на атмосферските води. Најголем акцент ќе ставиме на решавање на проблемот со водата, целосно ќе го решиме во сите населени места, вклучувајќи ја и Висока Маала. Во Василево ќе изградиме плоштад за јавни настани, место каде што ќе се собира народот, ќе се слават победите и ќе се создаваат нови спомени“.

Андонов ги повика граѓаните на 19 октомври да се обединат и да го поддржат бројот 9, за да продолжи развојот и модернизацијата на Василево.

,На 19 октомври да излеземе масовно и сплотено и да заокружиме за број 9, за градоначалник и за советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ. Да одбереме иднина за твоето место, да продолжиме да го градиме и развиваме Василево во модерна и урбана општина“, заклучи Андонов.

Поврзани вести