
Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер вечерва гостувеше во дневникот на ТВ Сител.
Таа одговори на прашање дали верува дека македонската Владата се бори против корупција, а беше спомнат и случајот со трагедијата во Кочани.
Секако гледам дека луѓе во Владата и судството кои се навистина посветени на тоа и ги поздравувам и им благодарам затоа што искрено се како гласови во пустина. Се надевам дека повеќе луѓе ќе им се придружат бидејќи тоа е правилно да се направи. Некои работи се правилни и едноставно, треба да се направат. И ова е случај каде што има луѓе кои се навистина посветени да се постигне правда за овие семејства, за жртвите, за заедницата, но е потребен тимски напор за да се постигне тоа – рече амбасадорката.
Таа искажа надеж дека повеќе луѓе ќе се обединат за тоа да се случи.
Агелер беше прашана дали според неа борбата против корупција напредува или стагнира.
Јас сум Американка и сум оптимист, но навистина верувам искрено и забележувам посебно во последните, веројатно неколку месеци дека, и дел од тоа е Кочани, дека има ниво на свесност и ниво на препознавање какво што порано немаше. Тоа е придружено со одреден замор, кога патувам низ земјата зборувам со студенти, родители, градоначалници и луѓе понекогаш слушате вистинско помирување дека тоа е така и дека нема да се менува. Но интересно, последниве месеци, дел од тоа беа и локалните избори, и видовме нови млади лидери кои рекоа ќе го направиме ова поинаку. Луѓето сега зборуваат на начин што покажува дека не само што се свесни, туку и следат поблиску од порано. Мислам дека бараат одговорност од своите избрани претставници, одговорноста е неверојатно моќна работа без разлика дали зборувате за локалниот совет или не само за избрани функционери, туку наставници, доктори, вие сте платени да правите одредена работа, работете си ја – посочи таа.

Македонски






