
Алијансата за Албанците реагира на, како што наведуваат, сериозни информации дека Владата преку Министерството за внатрешни работи подготвува законски измени и нова систематизација на работните места со кои се нарушува институционалниот статус на градовите Струга, Дебар и Кичево.
Според партијата, со предложените измени Подрачната единица за внатрешни работи Струга–Дебар–Кичево би била деградирана во единица од втора категорија, при што би ги изгубила клучните оперативни надлежности, командната структура и функционалната автономија. Надлежностите, како што се наведува, би се префрлиле под СВР Охрид.
Од Алијансата за Албанците оценуваат дека ваквата административна реорганизација има сериозни политички, институционални и општествени последици, бидејќи во градовите со албанско мнозинство повеќе не би биле предвидени клучни раководни позиции во безбедносните структури, меѓу кои началник на полиција, началник на криминалистичко одделение и заменик-командир на полициски станици.
Според партијата, укинувањето на овие позиции претставува удар врз институционалната застапеност на Албанците и создава ризик за локалната безбедност и за довербата на граѓаните во институциите.
Дополнителна загриженост, како што се наведува, предизвикува и назначувањето на началникот на Регионалниот сектор за гранични работи со седиште во Охрид. Алијансата посочува дека по повеќе од 20 години албанска застапеност на оваа функција, во 2025 година е назначен македонски кадар од Кичево, што според нив претставува отстапување од принципот на правична застапеност.
Алијансата за Албанците оценува дека овие чекори ги нарушуваат уставните принципи на еднаквост и соодветна застапеност и ја поткопуваат меѓуетничката доверба. Во таа насока, упатија повик до коалицијата ВЛЕН да преземе политичка одговорност и јасно да се позиционира во заштита на интересите на албанските граѓани во Струга, Дебар и Кичево.
„Молкот во овој случај не е неутралност, туку соучесништво“, порачуваат од партијата, нагласувајќи дека нема да дозволат преку административни одлуки да се укине институционалната застапеност на Албанците и да се наруши принципот на еднаквост.

Македонски





