
Доаѓајќи наваму, се присетив на сите наши битки, на сите наши предизвици, успони и падови кои заедно ги изодевме. Поздравувајќи се со вас, морам да кажам: иако можеби не можам да се сетам на сите имиња, ги познавам вашите ликови, ги препознавам вашите надежи и по допир вашите срдечни дланки. Тие не се разликуваат од надежите и лицата на сите наши луѓе низ нашата преубавата татковина Македонија. Тоа се лица полни со искуство, но и со доза разочараност од сè она што со години ѝ се случуваше на нашата Македонија. А се помина многу и се виде многу. Но тоа се и срца полни со љубов кон својата земја, со надеж во своите очи – надеж која мене ме обврзува повеќе од сите вас да се борам за сите вас. И денес стојам скромно и искрено, како на почетокот од оваа моја улога, и ви велам: нема да ве разочарам и заедно ќе победиме за децата во Македонија! – вака премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го започна вечерашниот говор на првиот митинг во рамките на предизборната кампања за локалните избори.

Тој на собирот во Скопје нагласи дека овие избори се одлука за тоа каква Македонија ќе победи.
Одиме заедно до победа. Затоа што овие избори се одлука за тоа каква Македонија ќе победи. Има и такви кои живеат од татковината, и ние – народот – кои живееме за татковината. Колку и да една тесна, мала клика – која ги направи сите неморални коалиции и поврзувања – е спремна за сè само да дојде на власт, вечерва сите тие и сите нивни слуги, кои сакаат Македонија да ја држат уценета, клекната и понижена, го добиваат одговорот. А одговорот сте вие – народот на Македонија. Немојте да се залажуваме дека ова се само обични локални избори, ова се избори за финалната битка за тоа каква држава сакаме. Ова се избори за тоа каква порака испраќаме до сите оние кои уриваа наместо да градат, правеа претстава наместо да штитат. Нив ги симнавме од власт, но сега треба да ги поразиме и да ги испратиме во пензија. И кога ве гледам во колкав број нè има вечерва, колку многу реки народ се слеаа по улиците до оваа преполна сала – јасно е: Ќе победиме!!! Ќе победиме сите заедно!!! Македонија ќе победи – рече Мицкоски.