
Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, јубилејот 80 години постоење ќе го одбележи со низа програмски активности и институционална промоција во државата и странство.
На прес-конференција во библиотеката, директорката Емилија Стефановска Давкова истакна дека пред себе поставиле апет стретешки цели, зголемување на бројот на студенти што ќе изнајмуваат книги од библиотеката и меѓународна активност.
-Поставив пет стратешки цели во мојата работа, да гарантираме пристап за идните генерации, да овозможиме секому што сака да истражува, да дадеме можност на сите истражувачки заедници посебно за подобрување на економската и социјалната компонента во општеството, да го збогатиме културниот живот на нашата нација и да овозможиме услови за зголемување на базата на знаење и базата на податоци. Ќе ја зголемиме соработката со универзитетите со намера да се зголеми бројот на студентски корисници. Според нашата анкета бројот на студенти корисници во библиотеката во изминатите години опаднал повеќе пати и во моментов бројката е поразителна бидејќи во моментов ние имаме само 133 студенти. Ние ќе ја збогатиме стручната и научна литература, остваривме контакт со професорите од УКЛО-Битола да ги понудат своите учебници и прирачници, а со цел да ги привлечеме студентите и професорите до настаните во библиотеката, истакна Стефановска Давкова.
Меѓународната активност се совпаѓа со јубилејот 80 години од почетокот со работа на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, некогашната Градска библиотека во Битола.
-Ќе соработуваме со универзитетската библиотека во Кемлиц-Германија, во националната библиотека во Рим-Италија ќе промовираме изданија на нашата библиотека и изложба на репродукција на слики од најстарите библиотеки во Битола и Битолско, а ќе оствариме соработка и со националната библиотека во Валета, Малта, посочи Стафановска Давкова.
НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола ќе инвестира во набавка на метални конзоли кои ќе бидат во функција на поефикасна заштита на библиотечниот материјал на библиотеката.