Skip to main content
Весна Митевска, директорка на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“

„Танец“ веќе 76 години успешно ја исполнува својата мисија и тука не постои простор за импровизации и грешки

Ансамбл од ваков ранг, кој ја претставува културата на државата, заслужува стабилен и предвидлив буџет, а просторните услови се директно поврзани со квалитетот на работата и здравјето на вработените. Потребно е сериозна реконструкција и модернизација на нашиот објект. Ова е најгорливото прашање на кое можам едноставно да одговорам дека ансамбл „Танец“ своите секојдневни работни задачи ги извршува во надвор од сите човечки стандарди и услови за работа кои треба да ги има еден национален ансамбл, вели Митевска.

Националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ в четврток (20.11.) во просториите на новата мултимедијална читалница во НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје ќе одржи монографска презентација на архивската граѓа од архивот на Ансамблот.

Ова значајно издание, што го трасира богатиот пат и наследство на „Танец“ во текот на седум и пол децении, претставува ризница на документи, фотографии и сведоштва за неговата културна мисија како најзначаен презентер на македонското фолклорно творештво.

Во сабота, пак, на 22 ноември, „Танец“ со концертот „Изворни минијатури“ ќе не поведе на уникатно сценско патување низ времето и традициите. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет.
Концертот „Изворни минијатури“ е повеќе од обичен концерт – тоа е враќање кон изворите и никулците од кои ’рти богатиот репертоар на „Танец“. Ќе имате можност да уживате во:
• Автентични ора и песни: изведени во нивната интегрална форма, како што егзистирале на теренот.
• Раскош на дијалекти: потсетување на најстарите слоеви од македонскиот музички и сценски фолклор.
• Врвна изведба: машки, женски и мешани ора, придружени од врвни игроорци и музичари на македонски изворни инструменти.
– Концертот „Изворни минијатури“ е препознаен како исклучително популарен проект, кој веќе го обиколи поголемиот дел од државата, што гарантира врвен квалитет и голем интерес, велат од „Танец“.

Пред овие два големи настани разговаравме со директорката на НУ Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, Весна Митевска, која проговори за предизвиците, успесите, настапите на овој најголем репрезент на македонското духовно и културно наследство.

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ ќе промовира јубилејна монографија насловена „75 години Танец . За какво издание станува збор? Што содржи оваа јубилејна монографија?

Изданието е насловено „75 години Танец-монографска презентација на архивската граѓа од архивот на НУ Ансамбл за народни игри и песни Танец“

Станува збор за обемна публикација која се фокусира на документирање на уметничката, културната и историската траекторија на Ансамблот во текот на неговите седум и пол децении работа. Автори на монографијата се етнолог и антрополог Светлана Ќириќ и професорката Мирјана Мирческа од Институтот за Етнологија и Антропологија.

Монографијата е ризница на материјални и нематеријални сведоштва за богатото наследство на Танец“.

Монографијата содржи вредна архивска граѓа која одблизу го прикажува творештвото и значењето на „Танец“ во домашниот и меѓународниот културен простор.

Конкретно, изданието опфаќа: архивски материјали, фотографии, записници, лични сведоштва и други вредни документи.

Накратко таа ја документира 75-годишната историја на „Танец“ како најзначаен промотор и чувар на македонската народна традиција и фолклорното наследство.

Една година сте на позицијата директор на НУ „Танец“-ансамблот за народни песни и игри. Со какви предизвици се соочивте од стапувањето на оваа позиција?

Првата година на чело на Н.У „Танец“ беше исклучително динамична и полна со предизвици, особено имајќи го предвид фактот што изминатата година го одбележавме големиот 75-годишен јубилеј. Мојата најголема цел, како и најголем предизвик, беше да се усогласи одговорноста кон традицијата со потребата за современа презентација. Постојано е предизвик како да се задржи и мотивира висококвалитетниот уметнички кадар-играорци, музичари и вокалисти- кои се темелот на нашиот успех, особено во услови на брзи промени и одлив на квалитетни кадри.

Потоа со соочував со предизвикот да се постави јасна уметничка визија и избор на репертоарот, а сето таа да биде привлечна за публиката а пред се да биде финансиски одржлива. Предизвикот за ефективна маркетинг промоција на ансамблот за да се привлече и прошири публиката, како на национално, така и на меѓународно. Но, пред се јас би истакнала дека најголем предизвик со кој се соочив, беше да се направи балансот помеѓу колегите, пред моето назначување за раководно лице на институцијата јас бев дел од уметничкиот дел на ансамблот од редовите на играорниот кор и морам да признам дека не е лесно да се изнајде начин во одреден дел од денот да бидеш колега како што си бил пред сето ова, а во дадени моменти да бидеш директор, затоа што сите ние како колектив се соочивме со моментот за прв пат во институцијата да имаме раководно лице од редовно вработените и за прв пат да биде жена директор. Така да сето ова повеќе од сигурна сум дека беше предизвик за сите вработени во институцијата.

Вие сте прва жена директор на оваа институција, доаѓате од редот на вработените. Како човек од фелата најдобро ги знаете проблемите и недостатоците. Постојат ли предизвици во поглед на финансирањето? На вработувањата? Просторни проблеми?…

Навистина не знам дали е привилегија да си прва жена директор, но убаво е чувството кога знаеш дека во историјата за Ансамбл „Танец“ твоето име и презиме ќе биде запишано како прва жена директор, но сето тоа е премногу одговорно да си во нештото прв. Ансамбл „Танец“ веќе 76 години успешно ја исполнува својата мисија и тука не постои простор за импровизации и грешки. Но, во едно сум сигурна дека за нас жените не постои проблем кој не може да се реши, имаме супер моќ во одредени моменти од едно да направиме две. Како некој што долги години беше дел од срцето на ансамблот-на сцената и во салата за проби-јас ги знам предизвиците, не од теорија, туку од прва рака. Тоа е моја најголема предност, но и најголема одговорност. Не дојдов да го учам системот, туку да го поправам она што со години го чувствувавме како недостаток.

Проблеми во поглед на финансирањето апсолутно постојат, тие се главна пречка за нашиот понатамошен развој. Ансамбл од ваков ранг, кој ја претставува културата на државата, заслужува стабилен и предвидлив буџет. Слухот за нашите финансиски проблеми од страна на Министерството за култура и туризам е на едно позитивно ниво, со тенденција буџетот за „Танец“ да расте од година во година, а сето тоа се потврдува со фактот што Ансамбл „Танец“ оваа 2025 година имаше одобрено делегиран буџет. Освен државната поддршка, активно бараме стратешки партнерства и спонзорства од приватниот сектор за одредени проекти.

Во контекст со вработувањата, како директор морам во овој дел да изразам голема благодарност до Министерството за култура и туризам и Министерството за финансии за донесената одлука за проширување на нашиот кадар. Ова е историски чекор на многу нови вработени во ансамблот за оваа 2025 година, а сето тоа гарантира опстанок и развој на нашата институција.

Но и покрај големиот број на ново вработени, ансамблот има дефицит на квалитетен кадар особено во играорниот кор, мој приоритет е, во соработка со надлежните министерства, да се отворат нови работни места за играорци и да се воспостави систем на менторство за да се пренесе знаењето од постарите на помладите генерации.

Просторните услови се директно поврзани со квалитетот на работата и здравјето на вработените. Потребно е сериозна реконструкција и модернизацијана нашиот објект. Ова е најгорливото прашање на кое можам едноставно да одговорам дека ансамбл „Танец“ своите секојдневни работни задачи ги извршува во надвор од сите човечки стандарди и услови за работа кои треба да ги има еден национален ансамбл. 

Наскоро ќе се одржи и концерт на Ансамблот „Танец“ насловен „Изворни минијатури“. Што ќе може да проследи публиката на 22 ноември?

Концертот „Изворни минијатури“ не е само концерт-тоа е враќање кон изворите, автентичност во интегрална форма, публиката ќе види автентични ора и песни изведени онака како што се истражени на терен во нивната изворна форма, адаптирани за сценска изведба.

Во моите изјави не преферирам предвреме да ја соопштувам програмата, мора да постои мистериозен момент за публиката.

 

Ансамблот е мошне реномиран репрезент на македонското кутурно и духовно богатство и наш најголем културен амбасадор во светот. Дали наскоро ќе гостувате некаде со настап?

Во месец септември ансамбл „Танец“ беше на балканска турнеја во: Валпово-Република Хрватска, Крањ-Република Словенија, Виена-Република Австрија, Лакташи-БИХ. На 04.12.2025 година ансамбл „Танец“ заминува на уште едно меѓународно патување во град Гоце Делчев-Република Бугарија, концертот е на 05.12.2025 година во Домот на културата „Пепо Аворов“ во град Гоце Делчев. Целта и мисијата на ансамбл „Танец“ е интерпретација на меѓународните сцени, „Танец“ е визуелна визит-карта на државата. Секое гостување на „Танец“ е стратешки потег, тоа е чин на културна дипломатија каде што нашите врвни уметници се амбасадори, а нашиот репертоар е најсилниот јазик за комуникација со светот.

Разговараше: Невена Поповска

фото: Република/ НУ „Танец“

Поврзани вести