Skip to main content
Никола Кукунеш, директор на Струшки вечери на поезијата:

Струшки вечери на поезијата се симбол на градот, дел од неговиот културен идентитет кој се негувал и надградувал децении наназад

СВП како мало камче во мозаикот ја нема таа моќ да влијае на зголемувањето на туристичкиот потенцијал и да биде значаен фактор кој ќе генерира додатна вредност. Токму тоа не натера фестивалската програма за следната година да ја поместиме на почетокот од туристичката сезона (крајот на јуни) и на тој начин да го промовираме градот во пресрет на годишните одмори. Веруваме дека ќе порасне и посетеноста на фестивалските настани и бенефитот што Струга ќе го има од туризмот вон сезона, вели директорот на СВП, Никола Кукунеш

Повеќе од половина век секоја година на крајот на месец август, во Струга, се одржува најголемата светска поетска манифестација – Струшките вечери на поезијата. Манифестацијата е основно одбележје на градот Струга како туристички центар и на неа до сега присуствувале повеќе од 5000 поети од стотина земја. На поетскиот фестивал меѓу другото, се доделуваат и најголемото признание за целокупна поетска дејност, наградата „Златен венец“ со која до сега се овенчани некои од најзначајните светски поети.

Непосреден повод за организирање на Струшките вечери на поезијата, за продолжување на вековната културна традиција на овој град, беше литературното читање на група истакнати македонски писатели на свечениот дел од јубилејот, одржан во Струга на 15 јули 1961 година, по повод излегувањето на „Зборникот на браќата Миладиновци“. Се дојде до идеја дека постојат сите услови да се организира една традиционална манифестација со фестивалски карактер, која ќе се одржува во овој град, како смотра на поетските остварувања во Република Македонија во текот на една година, ќе запише Јован Стрезовски, паранешен директор на фестивалот и негов хроничар.

Оваа идеја и иницијатива набргу наидува на позитивен одѕив и ќе биде прифатена од Друштвото на писателите на Македонија, Советот за култура на тогашна Народна Република Македонија и Народниот одбор на Општината Струга. На една од своите седници, Народниот одбор на Општината во 1962 година формира прв фестивалски одбор од 7 членови, составен од претставници на Друштвото на писателитe на Македонија, културни и општествено-политички работници од Републиката и од Струга, чијшто претседател бил истакнатиот поет Блаже Конески. Фестивалскиот одбор ќе изготви програма распределена во четири вечери на кои настапат писатели од Македонија.

Во 1963 година Струшките вечери на поезијата за првпат е доделена најголемата национална награда за поезија во Република Македонија, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик.

Од година во година бројот на учесници на Струшките вечери на поезијата се зголемувал. Во 1964 тие прераснуваат во општојугословенски фестивал на кој ќе земат учество поети од сите републики на поранешна Југославија. А веќе наредната, 1965 година, фестивалот ги преминува југословенските граници и добива карактер на меѓународна поетска манифестација на која ќе настапат еминентни поети од неколку земји: Бугарија, Италија, Полска, Романија, поранешниот Советски Сојуз и поранешна Чехословачка. Бројот на земјите учеснички од година во година се зголемува, за во 1968 година да настапат поети и есеисти од 17 земји.

Во 1966 година Струшките вечери на поезијата прераснуваат во институција со јасна физиономија, изградувајќи поцврсти критериуми врз кои ја конципира програмата и поканува учесници на приредбите. Советот на Струшките вечери на поезијата со своите посебно стручни комисии: програмска, селекциона, комисија за симпозиум, организационо-техничка, жири комисии за доделување награди и други, програмирано ја одвива својата дејност, настојувајќи што подобро и посодржајно да ја осмисли манифестацијата. Бројот на членови на Советот на Струшките вечери се движи околу 25, со претседател и двајца потпретседатели.

Во таа 1966 година Струшките вечери на поезијата започнуваат со доделувањето на најголемото признание во светот за поетско творештво „Златен венец“, кое до сега го добиле најмаркантните фигури на во светската поезија.

Струшките вечери на поезијата доживаат брз растеж и за кусо време стануваат единствена меѓународна манифестација од ваков вид, најголемиот празник во чест и слава на поезијата. Вонредно значаен културен настан во светот на литературата, манифестација низ која, како низ отворен прозорец, може да се види и чуе што се случува во поезијата, во таа „земја без граници“. Пропагирајќи ја поезијата и нејзините вредности, Струшките вечери играат непроценливо значајна мисија во вечно поделениот свет, останувајќи и по половина век да бидат мост меѓу поетското творештво создадено на сите јазици, место каде и понатаму ќе продолжи дијалогот меѓу јазиците, културите, народите, цивилизациите.

На неколку дена пред почетокот на годинешното издание на „Струшките вечери на поезијата“ разговаравме со директорот на Фестивалот, Никола Кукунеш за програмата. организациските и финансиски предизвици, значењето на оваа манифестација и визиите….

Повеќе од половина век секоја година на крајот на месец август во Струга се одржува најголемата светска поетска манифестација – Струшките вечери на поезијата. Непосредно пред почетокот на годинешното издание бевте незначен за прв човек на Фестивалот. Колкав беше предивикот да се организира сето ова?

Како стружанец чувствувам голема чест, но и огромна одговорност, затоа што Струшки вечери на поезијата се симбол на градот, дел од неговиот културен идентитет кој се негувал и надградувал децении наназад. Малубројни се оние кои немаат никаква допирна точка со поезијата во живо, не проследиле отворање на манифестацијата или не биле дел од публиката за време читањата околу Мостот на поезијата. Како филолог и некој кој ја сака поезијата ова е ретка шанса и предизвик да се остави позитивен белег во културната историја на Струга и на Македонија.

Изминативе години бевте дел од фестивалскиот тим во неколку наврати и ја познавате стуктурата и функционирањето на институцијата. Сметате ли дека сте доволно екипирани со кадар? И дали се доволни сретствата кои се наменети за реализација на фестивалот?

Кризата во која е западнато современото човештво не ја одминува ниту малата Струга. Тоа значи дека глобалните деформации се чувствуваат и локално. Оваа општа констатација ќе ја искористам како увод во одговорот дека создавањето тим кој ќе може со леснотија да им одолее на предизвиците при организирање на поетски настан, каков што е овој, е процес во кој треба долгорочно да се вложува. Да не звучи како гола флоскула, но фокусот треба да биде на младите, на оние чиј ентузијазам треба да го потхрануваме, охрабруваме и сесрдно да го поддржуваме. Тоа е единствениот начин да ги задржиме тука и тоа е гаранција дека оваа манифестација има иднина. Во смисла на организациска поставеност, годинешново издание е спој од искуство и младешки елан – врска која несомнено ќе даде брзи, но ќе генерира и долгорочни резултати.

Што се однесува до средствата кои се вложуваат во културата, не би сакал да релативизирам, но, никогаш не се доволни. Се чини дека колку повеќе созреваме на тој план, сѐ поголеми се и потребите. Убеден сум дека доколку резултатите од нашиот ангажман создадат и шират позитивна слика за нас во светот ќе придонесат кон тоа да бидеме препознаени и соодветно финансиски поддржани, за да можеме нормално да функционираме и ефективно да се развиваме.

Манифестацијата е основно одбележје на градот Струга како туристички центар. Дали со одредени програмски содржини, СВП може да го зголеми турустичкиот потенцијал на Струга и околината?

За жал, Струга како туристичка дестинација одамна го загубила чекорот со она што значи туристичка понуда. СВП како мало камче во мозаикот ја нема таа моќ да влијае на зголемувањето на туристичкиот потенцијал и да биде значаен фактор кој ќе генерира додатна вредност. Токму тоа не натера фестивалската програма за следната година да ја поместиме на почетокот од туристичката сезона (крајот на јуни) и на тој начин да го промовираме градот во пресрет на годишните одмори. Веруваме дека ќе порасне и посетеноста на фестивалските настани и бенефитот што Струга ќе го има од туризмот вон сезона.     

Струшките вечери на поезијата се единствена меѓународна манифестација од ваков вид, најголемиот празник во чест и слава на поезијата на кој до сега присуствувале повеќе од 5.000 поети од стотина земји. Колку учесници ќе има оваа година на Фестивалот?

Податокот со кој се гордееме е бројката од над 5500 еминентни поети кои биле дел од СВП. Знаеме дека тие се најдобрите амбасадори кога станува збор за македонската културна промоција. Фокусот на нив треба да остане приоритет, доколку сакаме да останеме на картата на поетски манифестации кои ја препознаваат вистинската вредност и како такви влијаеме на глобалната културна свест.

Дали останува веќе востановената фестивалска програма или направивте некакви измени?

Програмата во последните неколку години беше видоизменета, дел заради КОВИД пандемијата, дел заради одлуките на претходното раководство. Годинава се враќаат низа настани кои биле изоставени, што значи дека ќе има повеќе читања пред публика и можност за непосредна промоција пред поголем аудиториум. Голем дел од поетските настани се поврзани со Охридската книжевна школа, бидејќи фокусот на овогодинешното издание е глаголицата. Читања се предвидени во дворот на црквата Света Богородица Перивлепта, традиционалното претставување на лауреатот, во катедралната црква Света Софија, на охридскиот плоштад (до споменикот на Свети Климент) и во дворот на црквата Свети Наум. 

Издавачката дејност е значаен сегмент на Фестивалот. Кои изданија ќе бидат објавени годинава?

Најрепрезентативното издание и годинава ќе биде луксузната монографија на лауреатот Иван Штрпка, потоа книгата на добитникот на наградата „Мостови на Струга“ – Матеуш Шимчик, преводот на англиски јазик на книгата „Небото ми е дома“  од Катица Ќулавкова – минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“, „Чергар“ на Андреј Анѓелковиќ – добитникот на награтада „Млада струга“ 2025, панорамата на македонската винска поезија „Дионис и Свети Трифун – приредена од Славе Ѓорѓо Димоски, „Кој е кој“ – поезија од пет континенти, во едицијата Плејади книгата „Резиденции во времето“ од италијанската поетеса Антонела Анеда и две книги од претставниците на поетската платформа „Версополис“ на каталонскиот поет Чавие Мас Кравиото и литванската поетеса Довиле Багдонаите

разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива & СВП

Поврзани вести