Skip to main content
„Арс Ламина“:

Со востановувањето на наградата „Оливера Николова“ за необјавен роман за деца и млади барем малку ќе ѝ се оддолжиме на писателката за сето тоа што таа го направи за современата македонска книжевност

На 11 март, денот на раѓањето на Оливера Николва, мајката на сите македонски писателки, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја востанови наградата „Оливера Николова“ за најдообар необјавен роман за деца и млади. Наградата ќе се доделува секоја година на 11 март, а првиот конкурс се отвора денеска и ќе трае до 11 јуни 2025 година соопшти на денешната прес-конференцијата што се одржа во „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“ Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“).

Членовите на жирито за наградата „Оливера Николова“ за 2025 година се Оливера Ќорвезироска, уредничка и писателка, универзитетска професорка Весна Мојсова-Чепишевска и писателката Јагода Михајловска-Георгиева .

Со оваа награда сакаме да ја зачуваме и продолжиме големата книжевна традиција што ја остави Оливера Николова Нејзиниот придонес во македонската литература, а особено во романот за деца и млади, е немерлив. Со своите дела таа внесе автентичност, емоционална длабочина и хуманост, кои и денес инспирираат генерации читатели. Нашата мисија е да го поддржиме овој книжевен жанр, да му дадеме нова сила и да поттикнеме автори кои ќе ја продолжат оваа значајна традиција. Во време кога книжевноста за деца е притеснета меѓу сликовниците и литературата за возрасни, нашата цел е да го ревитализираме овој жанр, да му дадеме простор да расцутува и да стане повторно значаен дел од современата македонска книжевна сцена… Во чест на Оливера Николова, во чест на идните генерации читатели, ги покануваме сите автори да учествуваат и да бидат дел од ова книжевно наследство кое продолжува да живее – рече Бугариска.

Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои создаваше Николова – романот за деца и млади.

Нашиот нововостановен конкурс „Оливера Николова“ е за необјавен роман за деца и млади, така што победникот ќе може да си го продолжи патот на рецепцијата, но и на учество во останатите награди во земјава, со што се збогатуваат можностите за што поширока афирмација. Тој не загрозува, ниту се натпреварува со ниту една постојна награда, напротив, придонесува за богатството и квалитетот на македонскиот книжевен живот… Би ја парафразирала изреката на Достоевски за Гогољ: Сите ние сме излезени од шинелот на Оливера Николова. Таа беше и е книжевна мајка на македонските писателки. И воопшто не е важно кој го кажал тоа прв, Лилјана Дирјан, Кица Колбе, Јагода Михајловска-Георгиева, Лидија Димковска, јас или некоја сосем друга авторка. Важно е дека тоа го чувствуваме сите. Речиси сите одевме на книжевна причесна кај Оливера Николова. Ѝ ги носевме своите книги. Макар да ги допре. Востановувањето на оваа награда е исто така причесна за македонската книжевност. Преку неа раскажувачката рака на Николова ќе продолжи да чука како срце и да бие како камбана. Се надевам дека со востановувањето на оваа награда за необјавен роман за деца и млади којашто го носи нејзиното име барем малку ќе ѝ се оддолжиме на Оливера Николова за сето тоа што таа го направи за нас и за современата македонска книжевност – рече Оливера Ќорвезироска, уредничка во „Арс Ламина“ и член на жирито.

Професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Весна Мојсова-Чепишевска, која исто така ќе ги оценува пристигнатите ракописи на конкурсот рече дека време е авторите да покажат колку се навистина добри творци, ставајќи го својот пишувачки порив пред предизвик – да напишат роман за деца или роман за млади и да се борат за наградата „Оливера Николова“.

Оваа идеја да се воведе награда „Оливера Николова“ ќе направи еден сериозен книжевен простор во кој ќе излезат на мегдан и авторите и нивните нови приказни. Времето ќе ги исфилтрира, ќе ги исцентрифугира преку тоа каков прием навистина тие ќе имаат кај самите деца-читатели. И ќе бидам среќна кога по само неколку години, а особено за десет години, полицата со најнови книги за деца и млади ќе биде не само преполна со книги, туку и полна со добри книги кои ќе го задржуваат вистинското внимание на детето на 21. век преку добрите приказни – рече Мојсова-Чепишевска.

Јагода Михајловска-Георгиева рече дека ниту една досегашна награда за литература, за возрасни или за деца, не ѝ предизвикала олкава радост и ентузијазам како оваа.

Сигурна сум дека ќе им биде поттик на етаблираните, но, уште позначајно, на писателите „новајлии“. Голема е осеката кај нас од овој вид домашни книги. И минимален е интересот за нив од страна на читателите. Имам пет внуци на возраст од три до тринаесет години. Ми се поплакуваат дека македонските дела не биле интересни како странските, особено лектирите. Не тврдам дека се сосема во право, па сепак… Младите бараат да се препознаат во ликовите, јунаци на кои можат да им веруваат, да се угледуваат на нив… Затоа, според мене, е најтешко да се пишува за овие читатели, но и најчудесно истакна Михајловска-Георгиева.

Право на учество имаат сите полнолетни лица кои ќе испратат необјавен ракопис – роман за деца и млади напишан на македонски јазик со кирилско писмо. За наградата може да конкурираат необјавени романи (ракописи) за деца и млади напишани од 32 до 80 страници што ќе ги достават авторите по електронска пошта на е-адресата konkurs@arslamina.com во ворд или пдф формат со назнака за конкурсот „Оливера Николова“.

Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60 илјади денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на „Арс Ламина“.

Одлуката за првиот добитник ќе биде објавена во септември 2025 година, на посебен, свечен настан.