
Седум претстави ќе бидат изведени на фестивалот РУТА – Регионална унија на театари во Драмскиот театар Скопје (ДТС), од 25 октомври до 31 октомври. Фестивалот утревечер ќе биде отворен со скопската премиера на „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ од Душан Јовановиќ, во режија на Иван Пеновиќ – копродукциски проект на четири театри меѓу кои и ДТС.
Во наредните денови на фестивалската програма ќе бидат и: „Ќелавата пејачка“ од Ежен Јонеско, во режија Јагош Марковиќ на Центарот за култура Тиват, Црна Гора (26 октомври), „Куршуми над Бродвеј“ во режија на Ненад Витанов на Драмски театар Скопје (27 октомври), „Повеќе од игра“ на Слободан Стојановиќ во режија Иван Вуковиќ на Београдско драмско позориште (28 октомври), „Мајки“ во режија на Рајна Рацз на Театар Улисис од Хрватска (29 октомври), „Три милиони минути“ на режисерката Барбара Хиенг Самобор, во изведба на Местно гледалишче љубљанско (30 октомври) и претставата „За цел живот“ на Бењамин Хасиќ и режија Јасенко Пешиќ на Сарајевски ратни театар-САРТР од Сараево (31 октомври) со која ќе биде затворен фестивалот РУТА.

Претставата со која утре ќе почне РУТА, „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“, е во продукција на Местно гледалишче љубљанско (МГЛ), „Град театар“ Будва фестивал, Београдско драмско позориште и Драмски театар Скопје. Актерската екипа е мешана и на сцената се зборуваат четири јазици.
Душан Јовановиќ го напишал текстот во 1972 година и првпат бил сценски изведен во МГЛ наредната година. Од ДТС велат дека е напишан „во духот на сексуалната револуција и Пролетта ’68 година, под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација“.
Утре ќе биде скопската премиера на претставата откако во август беше изведена на отворени простори – во Будва, на „Охридско лето“ и на Бриони. На прес-конференција денеска во ДТС, режисерот Иван Пеновиќ од Хрватска рече дека очекува да биде убаво примена како и на претходните настапи.
Душан Јовановиќ како писател создавал универзален хумор прилагодлив за сите и во кој сите можеме да се препознаеме – не само себе туку и времето во кое живееме. Сега е дури и поинтересна за режија – во поднебјето во кое уште повеќе се најавуваат војни, кризи и пресврти на европско и на светско ниво и нејзината леснотија, всушност, најавува некоја опасност после неа. Благодарен сум на ваков процес, мислам дека РУТА-копродукцијата дава навистина стартен живот на претставата која е многу тешко да се изведе во поинаков театарски модел на работа што во моментов го имаме во регионот, и на тој начин да тестираме различни публики и да видиме на кои начини меѓу нашите држави можеме да создаваме уметност и поголеми продукти кои се можни само во рамки на ваков вид продукции, изјави Пеновиќ, млад хрватски драматург и режисер, кој со својот интегрален и ангажиран пристап веќе е препознатлив во регионот.
Во претставата играат актерите: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. Сценограф е Лазе Трипков, костимограф Александар Ношпал, композитор е Владимир Пејковиќ и Дамир Клемениќ – одговорен за сценските движења.

Македонски








