
Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе вечерва на сцената на Националната опера и балет со почеток во 20.00 часот во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Операта ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога (Набуко) ќе ја толкува, Луис Кансино од Шпанија, во улогата на Абигаиле ќе настапи Ханјинг Цо од Кина, Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Уго Тарквини (Италија) ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Џовани Пароди (Италија), во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).
Во пресрет на вечерашната изведба разговаравме со диригентор Михаилидис за соработката со уметниците, значењето на музиката, успешното издание на „Мајски оперски вечери“…
Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“, под Вашата диригентска палка. Како течеа подготовките со оркестарот? Задоволни ли сте од досега сработеното?
Ова е мојата втора соработка со Оркестарот на Операта, после „Мадам Батерфлај“ што ја направивме во ноември. Од првиот момент на соработката почувствував многу позитивен однос и одзив на сè што побарав од музичарите. Постои добра хемија меѓу нас. И во продукцијата на „Набуко“ сега, пробите беа многу продуктивни и задоволен сум од прекрасната изведба на делото од страна на оркестарот.
Станува збор за интернационален тим уметници во кој покрај домашните уметници соработувате и Луис Кансино од Шпанија, Ханјинг Цо од Кина, Уго Тарквини (Италија) Џовани Пароди (Италија), Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев… Колку ваквите интернационални соработки претставуваат предизвик? Беше ли тешко да се усогласите меѓу себе?
Меѓународните соработки, пред сè, ја пренесуваат прекрасната порака за соработка меѓу народите. Јазикот на музиката е „меѓународен“, „светски“ и обединува. За мене е секогаш големо задоволство да соработувам со уметници од различни земји. Истото важи и за оркестрите, бидејќи секој регион има свој посебен металитет и различно расположение, што е навистина шармантно! Различно реагира оркестар во Азија, во Европа или во Америка. Што се однесува на соработката со пејачите овде во „Набуко“, драго ми е што имам можност да соработувам со врвни уметници кои се отворени за соработка и целосно ја следат насоката што диригентот сака да ја даде на делото.
Дали прв пат настапувате на „Мајски оперски вечери“? Ви беше ли познато за каква и колкава манифестација станува збор?
Како што реков, ова е втор пат да диригирам во Операта тука, но ова е мое прво појавување на Мајските оперски вечери. Со задоволство гледам дека станува збор за целосно успешна организација на Операта и исто така гледам дека публиката ја прифаќа со ентузијазам. Исто така, му честитам на директорот на Операта, г. Оливер Арсовски, затоа што со своите избори се стреми кон висок квалитет.
„Набуко“ е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди кое и е омилено на публиката. Кое е Ваше омилено дело?
Всушност, операта „Набуко“ е првата опера на Верди која го етаблираше како композитор. Замислете дека сè до успехот на „Набуко“, претходните две негови опери не постигнале никаков успех. Но со „Набуко“, целиот свет го дозна и ги пееше мелодиите од операта на улица. Станува збор за едно од раните дела на Верди со интересен заплет, живост, огромна енергија, прекрасни мелодии, силна оркестрација, драматични главни улоги и секако, богата и импресивна хорска музика. Не е ни чудо што публиката толку многу го сака ова дело. Моето омилено дело е она што го диригирам секој пат, постојат толку многу ремек-дела и токму затоа нашата работа, на луѓето од операта, е возбудлива!
Разговараше: Невена Поповска