Skip to main content

„Снег“ на Зоја Бузалковска вечерва и на 6 март во МКЦ

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Денсинг салата вечерва во 20 часот ќе биде изведена претставата „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, на независната продукција „Штрих“. Втората изведба е закажана на 6 март, исто така во МКЦ. Преводот од француски јазик е на Владимир Мартиновски, продуцент е Андреа Маркоска, сценографијата е на Ненад Тонкин, а костимографија на Роза Трајчевска. Музиката ја компонираше Давид Ангелевски, а бушидо-културата и сценските движења ги подготви Иванчо Горјанин.

Играат: Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Александар Степанулески, Јанка Лефкова, Ава Хусеини, Лазар Христов, Нела Павловска и Мартин Мазнев.

„Снег“ зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.

За јапонската култура македонската публика знае малку, а јапонските прозни и драмски дела се ретко поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасната новела „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот. Во таа смисла, работата на еден ваков материјал е огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбира истражување и учење на култура која е тотално различна од нашата, како и усвојување на низа вештини, потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна – велат од „Штрих“.

Поврзани вести