
Националната галерија на Р. Македонија во соработка со галеријата Art Project Space ја претставуваат меѓународната групна изложба со жени – уметнички од Македонија, Грција, Србија и Кипар, под наслов Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството. Изложбата, најнапред ќе биде отворена во галеријата Art Project Space, во вторник, 13 мај 2025, од 19 до 22 и ќе трае до 6 јуни 2025. Во октомври, изложбата ќе биде презентирана на македонската публика, а делата ќе бидат изложени во Мултимедијалниот центар Мала станица. Македонската промоција е планирана од 2 – 25 октомври. Кураторки на изложбата се д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија на Р.Македонија и независната историчарка на уметност од Грција Ники Папаспиру.
Изложбата се развива долж имагинарна оска што се протега од Белград до Никозија, со Скопје и Атина како клучни точки во оваа геополитичка и културна поврзаност. Тринаесетте македонски, грчки, српски и кипарски уметнички ќе претстават дела во медиуми како што се просторни и звучни инсталација, видеа, објекти, слики, цртежи и перформанс. Изложбата создава феминистички простор на соживот, отпор и прекомпонирање, потенцирајќи ја важноста на уметничкиот израз во постојано променливиот свет.
Учеснички уметници:Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаκу, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду, Елина Јоану.
Скриеното трето претставува проширување на проектот Присутност/Отсутност, формирајќи мрежа на дијалог помеѓу женски уметнички гласови од Балканот и Медитеранот. Инспирирана од теоријата на Басараб Николеску за меѓусебно поврзана и повеќеслојна реалност, изложбата го третира „скриеното трето“ како средишна сфера на постоење каде спротивставените поими коегзистираат и се трансформираат: присутност/отсутност, материјално/нематеријално, индивидуално/колективно.
Изложбата е проследена со тројазичен каталог.