
„Синило“ е насловот на изложбата на цртежи од Јелена Белиќ што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Воедно ќе биде промовирана и уметничка книга.
Според Горан Стојчетовиќ, „Синило“ носи силна потврда за постоењето на едно посебно творечко јадро во секој човек на планетата.
Цртежот што настанува од таквото јадро го нареков „длабински цртеж“ кој опфаќа едноставен систем на цртачки техники кои се применуваат во однос на моменталните асоцијации, психосоматските реакции и миговите на свесни увиди на поединецот додека црта. Процесот на длабински цртеж е најблиску до изворот на природните психички механизми кои создаваат соништа, визии, фантазии и халуцинации. Тој ги опфаќа импулсите од несвесните визуелни содржини на психата правејќи ги корисни за поединецот така што го фокусира на неговите реални творечки потенцијали и извори на енергија – вели тој за изложбата.
Јелена Белиќ (1985, Гостивар) дипломирала на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествувала на повеќе групни изложби. Ова е нејзино прво самостојно претставување.