
Уште еден во низата успеси на меѓународна сцена на Женскиот младински хор при Младински Културен Центар.
Под водство на маестро Сашо Татарчевски, по вторпат годинава, Женскиот младински хор се враќа со највисоки награди од меѓународни хорски натпревари.
По освоената Гран При награда во Бугарија во јуни, ЖМХ се закити со прва награда и на интернационалниот хорски натпревар во Херцег Нови, Црна Гора. На фестивалот настапуваа 29 хорови од повеќе европски земји од кои 24 зедоа учество во натпреварувачкиот дел. Нашиот хор се претстави на три фестивалски сцени, Црквата Св. Јероним, салата „Парк“ како и на сцената „Под градскиот саат“ и на сите настапи предизвика овации кај публиката и останатите хорови учесници. Освен првата награда за хорот, маестро Сашо Татарчевски ја доби и специјалната награда од жирито за најдобар диригент на фестивалот.
Женскиот младински хор при МКЦ и во својата 53-та година од постоењето го потврди својот статус на континуирано квалитетен и највреден бренд на Младинскиот културен центар во Скопје, како и македонски културен амбасадор на меѓународната сцена.
Ваквите врвни резултати се возможни само доколку се има институционална поддршка, односно, во случајот на Женскиот младински хор при МКЦ, колку поголема поддршка, толку побројни врвни резултати. Во оваа 2025та година редовната работа на ЖМХ, настапите низ нашата земја како и дел од претставувањата во странство ги поддржаа Министерството за култура и туризам и градот Скопје.