
„Македонките во битка – вистински приказни“ е насловот на музејската сликовница од авторките Ана Вишинова, историчар – едукатор и Даниела Митевска- кустос историчар која ќе биде промовирана на четврти март (среда) во 12 часот во Музејот на македонската борба.
Во 2019 година ја издадовме нашата прва едукативна сликовница која тематски беше врзана за 5-то одделение на музејската поставка и создавањето на МРО која го носи насловот: „Зад големата мисла“. По неколку години во 2022 година ја издадовме втората едукативна сликовница „Пламен и непокор“ која тематски и хронолошки се надоврзува со првата, бидејќи истата е посветена на Илинденското востание кое го претставува највисокиот дострел на македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. „Македонките во битка – вистински приказни“ е третата музејска едукативна сликовница посветена на македонските жени – ајдутки, комити, партизанки, велат авторките.
Жени кои никогаш не биле пасивни набљудувачи на настаните, туку активни учесници во процесите и борбата за човекови прва и слобода. Жени, чија улога и значење, не се отелотворува само во убавината, истрајноста, пркосот, непокорот и храброста, туку во можноста да се вклучат во борбата и да влијаат на клучните цивилизациски настани.
Во оваа сликовница ги претставуваме Македонките кои иако условени од религиозни, патријархални, социјални, економски, политички и друг вид на стеги, свесно станаа против стереотипите и предрасудите и почнувајќи од поединечните форми на отпор и ајдутско одметнување, прфиаќајќи ја борбата за слобода, активно се вклучија во организираното македонско ослободително движење – Македонската Револуционерна Организација (МРО). Преку вистинските приказни за жените сакаме да ја запознаеме помладата публика и со отпорот на македонската жена работничка, пролетерка, кој добива поорганизирана форма низ социјалистичката мисла на напредното работничко движење и интелегенција, во чија револуционерна акција е вткаена и нејзината борба за целосна еманципација и нови општествени односи. Приказни за оние кои преку штрајк, учество во првомајските манифестации и одбележувањата на 8 март се вклучија во акциите на меѓународното женско движење и отворено се бореа и бараа право на глас, зголемување на заработувачката и подобри работни услови, додаваат Вишинова и Митевска.
Вишинова и Митевска се надеваат дека оваа сликовницата која е напишана на македонски и англиски јазик со цел да постигнат инклузија на повеќе предмети во наставата, ќе биде широко прифатена од учениците и нивните наставници и ќе им послужи како додатно четиво кое ќе ги збогати и направи интересни и привлечни наставните содржини на часовите по историја.

Македонски


