
На 9 и 10 јули (четврток и петок) од 20.00 часот на сцена 105 во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе биде изведена претставата „Повик“, чиј автор и режисер е Јован Ристовски, а Марта Дојчиновска е костимограф.
Во претставата играат: Марија Стефановска, Катерина Аневска, Николе Стефано, Маја Андоновска Илијевски, Наталија Ристеска, Марија Талеска – Бабар.
Влезот е слободен. Влезниците можат да се подигнат од билетарницата од Центарот за култура на: 9 јули од 10:00 до 12:00 часот и од 18:00 до 20:00 часот и 10 јули од 18:00 до 20:00 часот
„Повик“ е приказна за современиот уметник, раскажана низ судбината на една млада сликарка која се обидува да ја пронајде вистината во свет во кој уметноста сè почесто станува производ, нарачка и кич. Претставата отвора прашања за изгубениот идентитет, за судирот меѓу личниот интегритет и очекувањата на општеството, како и за конфликтот помеѓу слободното творештво и системите што настојуваат да го обликуваат човекот. Нејзината борба не е само професионална – таа е борба да остане човек, да не го изгуби сопствениот глас и да остане верна на својата интуиција.

Но ова не е приказна за поразот. Ова е приказна за можноста повторно да се роди уметноста. За надежта дека, и покрај политичките, економските и општествените притисоци, човекот сè уште може да ја избере вистината, слободата и автентичноста. Инспирирана од научните трудови на Карл Густав Јунг, претставата ги истражува архетиповите, сенката и процесот на лична трансформација, отворајќи силни прашања за индивидуалниот и колективниот идентитет. Воедно, ова е и омаж на жените – на нивната сила, мудрост и способност да создаваат, обновуваат и менуваат, затоа што секоја вистинска преродба започнува со храброста гласно да се изговори вистината. Низ претставата одекнува една силна мисла – „Ние молчиме.“
Театарската претстава е независен проект, поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Heartefact Fund. Претставата е дополнително поддржана од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia). Партнер и логистичка поддршка е НУ Центар за култура – Битола.

Македонски



