Skip to main content
Милтос Јеролему, актер

По улогата во „Игра на тронови“ мојата кариера радикално се промени

Филмот „Motherwitch“/ „Мајка вештерка“ во режија на Минос Папас, копродукција меѓу Кипар, Македонија и САД ( Константинос Никифору, Минос Папас, Дарко Попов/ Caretta Films, Cyprian Films New York, Focus Pocus Films) беше прикажан во официјалната селекција на годинешното издание на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам.

Во филмот игра и Милтос Јеролему, британски актер со кипарско потекло, познат по улогата на Сирио Форел во „Игра на тронови“.

Многу сум горд на овој филм. Режисерот Минос Папас ми ја раскажа приказната пред десетина години, а пред околу две години да ми јави дека конечно ќе снимаме. Иако живеам во Британија, моите родители потекнуваат од Кипар и за мене беше многу важно да бидам дел од овој филм. Сакам Кипар да го видат луѓето на сосема поинаков начин. Иако е мошне напнат, ова не е хорор филм. Тоа е филм за тоа во што веруваме и како вербата не прави да правиме разни нешта, рече Јеролему.

Во разговорот ни откри дека неговите родители имаат кипарско грчко потекло, а Јеролему е роден во Лондон и пораснал во Обединетото Кралство.

Моите родители живеат на Кипар, во едно мало село. Иако сум израснат во Британија, Кипар секогаш ќе биде мојата голема љубов. Не само поради потеклото, моето семејство е таму, а и јас ги посетувам секоја година. Се сеќавам на убави моменти од детството во Кипар.

Милтос Јеролему е најпознат по улогата на Сирио Форел во фантастичната ТВ серија на HBO „Игра на тронови,“, но се појави и во „Војна на ѕвездите: Силата се буди“,  „Данската девојка“…

Како некој што сака филмови и снимање филмови, сакам Кипар да прави вакви филмови. Сакам луѓето да го видат Кипар на еден комплетно различен начин. Додека гледав некои од кадрите и си реков јас никогаш не сум го видел Кипар на овој начин. Мислам дека облаците во целиот филм, од почетокот до крајот имаат многу силен ефект, бидејќи си велите еве го Сонцето доаѓа по сево ова. И таа страна на Кипар навистина многу ретко ја гледам бидејќи најчесто одам во лето и тогаш небото секогаш е сино, вели Јеролему.

Филмот раскажува слоевита приказна за тага и искупување што се провлекува низ митовите и историјата, христијанството и паганството, како и низ теророт и сочувството.

Филмот ја покажува страната на луѓето што не ја гледаме. Тоа е филм за тоа во што веруваат луѓето. И како вербата може да те натера да направиш некои работи.  Мислиш дека тоа го правиш од вистински причини, но не е така. Лоши работи се случуваат и покрај добрите намери. Филмот говори за тагата, како луѓето реагираат кога им се случува нешто лошо. Може да бидете религиозен, но исто така можете да верувате дека постојат лоши духови. Мајка ми е мошне суеверна. Таа ја благословува куќата и покуќнината. Кога ќе се случи нешто лошо, таа смета дека тоа не е само коинциденција, туку лош дух во куќата… Колку и да разговараме и да ја убедувам дека такви нешта им се случуваат и на други луѓе, тоа е безуспешно. Мислам дека кога сте многу религиозни лесно може да бидете и суеверни. Новите генерации веќе ги забораваат ваквите верувања, но во малите села на Кипар кај постарите сеуште постојат. Кога мојот внук ја читаше „Хари Потер“, мајка ми велеше дека тоа не е добра идеја, дека си игра со оган, раскажа Јеролему.

По дипломирањето, Јеролему не посетувал часови, туку научил да глуми преку сценско искуство.

Уметноста е двонасочна. Треба да дадете, треба да се отворите за да ja препознаете вредноста на уметноста. Секој може да гледа некоја слика и да рече: Тоа е само слика и јас можам да направам таква. Но, во ликовната уметноста еден човек ја создава, а друг гледа во неа. И мислам дека тоа е суштината. Уметноста има задача да поставува прашања. Таа е многу важна бидејќи кажува зошто: Зошто ги допира, ги придвижува луѓето и зошто некоја уметност е толку вредна. За мене тоа сеуште е мистерија. Тоа е толку моќно и толку важно на некои луѓе што вреди билиони фунти. Кога уметникот ја слика сликата никогаш не помислува колку ќе чини таа, вели Јеролему.

Првата голема улога на Јеролему беше во првата сезона на фантастичната серија на HBO „Игра на тронови“. Во серијата, првенствено работеше со актерката Мејси Вилијамс како Арја Старк и го портретираше Сирио Форел, познат како „Првиот меч на Бравос“ и повеќето од неговите сцени вклучуваа работа со мечеви. По неговото појавување во „Игра на тронови“, Јеролему беше избран за улога во „Војна на ѕвездите: Силата се буди“, како и во наградуваниот филм „Данското девојче“.

Горд сум на улогата во „Игра на тронови“.. Од оваа дистанца ми се чини дека тоа беше многу одамна, пред 15 години. Беше одлично искуство за мене. Имав среќа, бидејќи се сеќавам дека за улогата ме прашаа дали знам да мечувам и јас реков дека знам. И не излажав. Кога ја снимавме првата сезона воопшто не претпоставував дека ќе биде толку популарна. Знаев дека ќе е добра, сите бевме возбудени додека работевме , но никој не претпоставуваше дека ќе има толку голем успех. Бевме многу млади кога снимавме, голем дел од актерите никој не знаеше кои се, но беа сензационални во своите улоги и потоа таа стана серија кога ја гледаше цел свет. И тоа е многу необично за секој актер да игра во серија што ја гледа цел свет. И се разбира, по „Игра на тронови“ мојата кариера тотално се промени радикално. Едноставно не бев анонимен и тоа е многу добра работа за еден актер. Не станав многу познат, но на еден начин се промени начинот на кој луѓето гледаа на мене. Сметам дека имав многу среќа и бев привилегиран што бев дел од тој филм, заврши Јеролему.

Разговараше: Невена Поповска

фото: фејсбук Miltos Yerolemou – Actor – Game of Thrones Syrio

Поврзани вести