Skip to main content

По повод 35. години од независноста на Македонија  во во Братислава отворена изложбата „Теракотните икони од Виничкото Кале“

По повод 35-годишнината од независноста на  нашата држава,  во Националниот музеј на Словачка во Братислава вчеравечер официјално е отворена изложбата „Теракотните икони од Виничкото Кале“.
Изложбата е организирана од Амбасадата на  Македонија во Словачка, во соработка со Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ – Виница, АРХИФАКТ – Скопје и Националниот музеј на Словачка во Братислава, информираат од виничкиот музеј преку објава на нивниот Фејсбук профил.


-Изложбата нуди единствена можност да се открие извонреден дел од богатото културно и археолошко наследство на Македонија и претставува избор на теракотни икони кои датираат од 5-ти и 6-ти век од н.е., откриени на Виничкото кале, заедно со избрана теренска документација од д-р Коста Балабанов и документарен филм што ги претставува раните археолошки ископувања на локалитетот, се наведува во објавата.


За претставниците на Музејот„Теракота“, како што нагласуваат, изложбата била голема чест да им посакаат добредојде на бројни истакнати гости од политичкиот, јавниот и културниот живот на Словачка, како и на амбасадори и членови на дипломатскиот кор, археолози, музејски професионалци и членови на  заедницата што живее во Словачка.


На свеченото отворање свое обрќање имале д-р Евгенија Илиева, амбасадор на   Македонија во Словачка, Сара Данева-Ивановски, директорка на Музејот „Теракота“ во Виница, како и д-р Виерослава Бернатова, генералена директорка на Националниот музеј на Словачка.


-Изложбата претставува уште еден вреден мост помеѓу  Македонија  и Словачка, зближувајќи го нашиот заеднички европски културен простор и нудејќи можност да го претставиме богатството, длабочината и континуитетот на културното наследство на Македонија  пред Словачката јавност, нагласуваат  од Музејот „Теракота“.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 8 ноември 2026 година.

МИА

Поврзани вести