Skip to main content

„ПНВ Публикации“ во едицијата „Колоси“ ја објави книгата „Песни“ од Мајаковски во избор и препев на Славе Ѓорѓо Димоски

Деновиве во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“, како трета книга во едицијата „Колоси“ од печат излезе книгата „Песни“ од Мајаковски во избор и препев на Славе Ѓорѓо Димоски. За разлика од досегашните преводи и препеви на овој значаен руски и советски поет, во овој избор се застапени песни од неговиот рана творечка фаза и песни инспирирани од неговите патувања по Европа , Америка и Мексико. Нема песни кои го врзуваат за неговиот однос кон Октомвриската револуција.  Во книгата се вклучени и три поеми: „Облак во панталони“, „‘Рбет – флејта“ и „Љубам“. Поемата „Облак во панталони“  на македонски јазик првпат е преведена во 1970 год. од Слободан Мицковиќ, но во овој препев се дава нова визура на секогаш актуелниот поетски јазик на Мајаковски, што поемата ја прави и денес актуелна. Кон изборот се додадени и неговата автобиографија „Лично Јас“, и „Прилози“ подготвени од препејувачот во кои се дава поблиска слика за животот и делото на овој великан.

Во 2021 година во препев на Славе Ѓорѓо Димоски, во истата едиција „Колоси“ излезе книгата „Песни“ од Сергеј Есенин во која се застапени песни кои дотогаш не биле преведена на македонски јазик, песни од неговата боемска фаза, така што имаме интересни избори од поезијата на двајцата најголеми поетски ривали во руската и советската литература во првите две децении на 20 век.

Поврзани вести