Skip to main content

OFF програма на 15. Филозофски Филмски фестивал: Проекција на филмови и разговор со Меријам Тафакори

Фејсбук профил на филозофски филмски фестивал

На Филозофскиот филмски фестивал – Скопје ќе бидат прикажани четири филмови од Меријам Тафакори, наградувана иранско-британска уметница и филмска авторка, чии дела се одликуваат со длабока филозофска релевантност и иновативен пристап кон филмскиот јазик.

Проекцијата ќе се одржи на 28. март (петок), во 20:00 часот, во Музејот на современа уметност – Скопје. Ќе се проектираат следниве филмови: „Irani Bag“ (2021, 8’), „Nazarbazi“ (2022, 20’), „Code Names“ (2022, 21’) и „Mast-del“ (2023, 18’). По проекцијата ќе следи онлајн разговор со Меријам Тафакори, а модератори на разговорот ќе бидат Ивана Мирчевска и Ѓорги Пулевски.

Во врска со проекцијата, на 27. март (четврток) од 18:00 часот во КСП Центар-Јадро ќе биде одржана работилница, на која учесниците, преку користење на колажни техники, реорганизирање на постоечки визуелни архиви, текст и звук, ќе имаат можност да истражат нови релации, значења и наративи, инспирирани од нејзиниот уникатен пристап.

Меријам Тафакори е визуелна уметница и филмска режисерка родена во Иран, чии дела комбинираат поезија, архивски материјали и рефлексивна документаристика. Таа користи филмски колаж, поезија и архивски звук и слики, создавајќи динамичен дијалог околу теми како што се меморијата, идентитетот, моќта, интимноста и отпорот. Нејзините филмови поттикнуваат критичка рефлексија и дијалог, истовремено промовирајќи го филмот како медиум за филозофско размислување.

Тафакори нуди повеќеслојна леќа кон иранското кино и раскажувањето на приказни, без да се потпира на воспоставените погледи и пракси. Деконструирајќи го постреволуционерниот ирански филм таа ни го открива невидливото и интимните форми кои оперираат во овие слики во движење, а кои успеваат да ја заобиколат постоечката цензура. Со својата идиосинкретична филмска естетика и поетичен визуелен јазик, Меријам создава феминистички контра-архиви кои го предизвикуваат и Источниот и Западниот кинематографски поглед.

Нејзиниот филм Mast-del премиерно беше прикажан на Directors’ Fortnight во Кан и беше вклучен меѓу најдобрите кратки филмови и видео есеи на 2023 година. Нејзините дела се прикажувани во водечки институции како MoMA, Tate Modern, LUX London, како и на престижни фестивали, меѓу кои Locarno, Toronto и New York Film Festival.

Тафакори е добитничка на бројни награди, вклучувајќи ја Film London Jarman Award (2024), Gold Hugo (Chicago IFF), Tiger Short Award (Rotterdam IFF) и Barbara Hammer Feminist Film Award (Ann Arbor FF).

Проекцијата е поддржана од Британскиот совет.