Skip to main content

Никола Маџиров гостин на „Денови на поезијата и виното“ во Птуј, објавен поширок избор од неговата поезија на словенечки со наслов „Шестарот на времето“

Никола Маџиров беше почестен гостин на 29-ото издание на меѓународниот фестивал „Денови на поезијата и виното“ кој се одржа од 20-ти до 23-ти август во Птуј, Словенија.

По тој повод словенечката издавачка куќа „Белетрина“ објави поширок избор од поезијата на Никола Маџиров со наслов „Шестарот на времето“ („Šestilo časa“) во препев на словенечки на Намита Субиото. Книгата содржи и неколку автопоетички есеи преземени од книгата „Дом во тишина“ во издание на „Арс Ламина“.

Никола Маџиров, заедно со втората почесна гостинка, поетесата и револуционерка Џоконда Бели (1948) од Никарагва, ги претставија своите книги на словенечки во Друштвото на писатели на Словенија, а потоа учествуваа на читања и дискусии во Птуј.

Во описот на книгата на словенечки стои: „Полскиот поет и есеист Адам Загajeвски за поезијата на македонскиот колега запиша дека се како експресионистички слики: исполнети со густи, енергични потези, тие како да изнедруваат од имагинацијата и да се враќаат назад кон неа во истиот миг, како ноќни животни уловени од светлината на автомобилските фарови.. Во тие ненадејни блесоци можеби најјасно се исцртуваат поимите дом, граница, историја, време. Во мрежата на јазикот тој се обидува да ја улови убавината на мигот што исчезнува, возвишеноста на ситните нешта, моќта на обичноста.“

Последниот настап на Маџиров со Џоконда Бели се одржа вчера како дискусија на тема „Мапирања на домот.“

Поврзани вести