
Роденденската програма на Македонскиот народен театар (МНТ) кој слави 81 години од постоењето, почна вчера со стендап шоуто „Шоубиз“ на српскиот актер Никола Ѓуричко. Утре, на големата сцена на МНТ по пауза од 26 години гостува Словенечко народно гледалишче од Марибор со претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски. На 3 април ќе се изведе монодрамата „Безгрешна“ со Наташа Матјашец-Рошкер , инспирирана од романот „Маријиниот завет“ и како омаж на истакнатиот словенечки режисер Томаж Пандур. На 4 април ќе биде изведена претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, на денешната прес-конференција потсети дека театарот веќе го одбележал 80-годишниот јубилеј по повод првата претстава изведена на 3 април 1945 година, а за гостувањата по повод 81-роденден на МНТ вели:
Свесно го направив овој исчекор, отворајќи го МНТ кон Европа и регионот. Регионалните гостувања не се програмски додаток или шминка, туку суштинска потреба за една национална институција. Ако МНТ сака да остане релевантен, не смее да постои во затворен културен круг. Мора да комуницира, да се споредува со други естетики и други сценски јазици. Затоа, годинава ја зголемуваме важноста на релевантни регионални продукции и претстави, кои веќе живеат активен сценски живот и носат јасен авторски став. Гостувањата не се само уметнички настан, туку огледало преку кое МНТ ја проверува сопствената релевантност и капацитет да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст – истакна Кимовски.
На 3 април на сцената на МНТ ќе гостува и наградуваната монодрама „Immaculata“ („Безгрешна“) на СНГ Марибор. Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, додека драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија и Томаж Пандур. Оваа претстава е воедно и омаж на прерано починатиот режисер.
Би сакал да додадам дека Томаж Пандур почина на 12 април 2016 година во Скопје, за време на проби во Македонскиот народен театар. Тоа е голема загуба за целата театарска уметност во регионот, а особено за нашиот театар, бидејќи во моментот кога тоа се случи, тој беше во процес на поставување претстава во Македонскиот народен театар – потсети Кимовски.
Според директорот на МНТ овие гостувања се важни од неколку причини.
Прво, за публиката. Таа добива увид во различни театарски јазици, без да го напушти Скопје. Второ, за уметниците. Контактот со други ансамбли и режисерски пристапи е неопходен за развој, а не привилегија. И трето, за самиот МНТ. Националниот театар не е само институција што продуцира претстави, туку и инспирација што вмрежува, разменува и поставува стандарди. Нашата цел е јасна, МНТ да биде активен дел од регионалниот и европскиот театарски простор, а не само негов набљудувач. Со оваа програма не славиме само јубилеј, туку поставуваме и насока – нагласи директорот на МНТ.

Македонски



