
Националниот археолошки музеј и Гетисбург Колеџот од Пенсилванија, САД, започнаа со реализацијата на 26-та сезона на археолошките истражувања на археолошкиот локалитет Големо Градиште кај с. Коњух, Кратовско. Оваа година, во фокусот на систематското истражување на доцноантичкиот град се истражувањето на новооткриената Базилика Б, утврдувањето на хронологијата на северната тераса преку стратиграфска сонда, доистражување на комплексот на централната Епископска Базилика, како и истражувањето на сегмент од бедемот на градот на југозападниот крај на северната тераса.
Мултидисциплинарниот пристап во истражувањето на градот е збогатен со нововоспоставената соработката на Археолошкиот Музеј со Универзитетот Џон Морс, од Ливерпул, Обединето Кралство,чиј стручен тим и студенти спроведоа геофизички и геоархеолошки истражувања на локалитетот. Реализацијата на овогодинешните истражувања е помогната и со учеството на стручни лица и студенти од Универзитетот Сајмон Фрејзер од Ванкувер, Канада, нашиот нов северноамерикански партнер во проектот.
Оваа година, локалитетот Големо Градиште – Коњух се стекна со статус на споменик на културата од особено значење. Toа е истовремено и валоризација на стручноста, посветеноста и придонесот на бројните учесници и соработници во истражувањето, заштитата и промоцијата на Големо Градиште пред домашната и светската археолошка јавност, во континуитет од речиси три децении.
Членови на стручниот тим на истражувањата на Големо Градиште, во 2025 г.: м-р Горан Санев (НУ Археолошки Музеј, раководител), д-р Каролина Снајвели (Гетисбург колеџ, САД, раководител), м-р Радомир Ивановиќ (НУ Археолошки Музеј, раководител на геофизичките истражувања), д-р Дамјан Донев (ИНИ, Скопје), д-р Дејвид Џордан(Универзитет Џон Морс, од Ливерпул, раководител на геофизичките истражувања),Благоја Китановски (НУ Археолошки Музеј), д-р Сабрина Хигинс (Универзитет Сајмон Фрејзер, Канада), Медисон Џ. Поол и Сара Е. Грениер (Универзитет Брук, Канада), М-р Остин Ендрјус (Универзитет Јеил, САД).
Истражувањата се финансирани од Гетисбург Колеџот од Пенсилванија, САД, Универзитетот Џон Морс и Националниот археолошки музеј.