
На 15 декември во 14 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп ќе биде отворена изложба од Петра Јованоска и Рафаел Ристовски. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Во оваа заедничка изложба, Петра Јовановска и Рафаел Ристовски ќе создадат еден вид уметнички дијалог, каде двата различни пристапи — тој на Јовановска преку симболиката на геометриските форми и емоционалната порака, и тој на Ристовски преку урбаната фотографија со дигиталната манипулација – ќе се спојат во една уникатна уметничка приказна.
Централниот мотив во делата на Петра Јовановска е кругот, кој не е случаен избор, туку симбол на креативната и животната филозофија, како и на сознанието дека совршената форма нема почеток и крај. Кругот ја симболизира вечноста, животниот циклус, движењето на планетите околу Сонцето, космосот и совршенството. Во историјата на уметноста, овој геометриски облик има своја важна улога, особено во средновековната црковна архитектура, како и во ренесансата и модерната западна уметност. За разлика од неговото толкување во западната цивилизација, кругот има посебно значење и во источните култури. Уметницата го користи овој симбол за да ги претстави своите мисли, емоции и философски погледи на светот. Во нејзините уметнички композиции, круговите често се множат и повторуваат, создавајќи моќна визуелна порака која се постигнува со различни медиуми и графички техники.
Рафаел Ристовски се фокусира на визуелните дела изработени преку новите медиуми, особено дигиталната фотографија со манипулација. Ристовски ја истражува убавината на природата и урбаната околина, како и врската меѓу нив, и го одразува својот однос кон светот преку жанрот на градскиот пејзаж. Урбаниот пејзаж, според него, не е само приказ на градот и природата, туку и начин на кој сите ние, како дел од оваа околина, го разбираме и доживуваме светот околу нас.
Градскиот пејзаж за Ристовски не е само визуелна претстава, туку и перцепција на неговото лично расположение. Често, тој создава брзи скици односно фотографии кои прикажуваат фрагменти од пејзажот — игра на бои на небото и облаците, одразот на водата, или зраци на Сонце што го осветлуваат тревата. Се обидува да ја пренесе емоцијата на живеењето користејќи дигитална манипулација за да го даде моменталното чувство на сопствената стварност. Рафаел се обидува да создаде нова димензија во фотографијата, додавајќи виртуелен и визуелен свет кој го нагласува човечкиот однос кон природата и околината.

Македонски






