Skip to main content

Македонскиот КИЦ во Софија ја одбележа 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Мисирков – еден од најзначајните македонски интелектуалци

Со свечена и достоинствена програма, Македонскиот културно-информативен центар во Софија ја одбележа 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Мисирков – еден од најзначајните македонски интелектуалци, филолози, публицисти и визионери, чие животно дело претставува траен темел во развојот на македонската национална мисла, литературна традиција и јазична самобитност.

Одбележувањето на овој значаен јубилеј претставуваше не само чин на оддавање почит кон ликот и делото на Крсте Мисирков, туку и силна порака за важноста од зачувувањето на историската меморија, културното наследство и континуираната афирмација на македонските духовни, јазични и културни вредности.

Настанот предизвика исклучително голем интерес кај македонската заедница во Република Бугарија, како и кај претставници на бугарската јавност, научната и културната сфера. Салата на Македонскиот културно-информативен центар беше исполнета до последно место, што претставува уште една потврда за растечкиот интерес кон програмите што Центарот ги реализира и кон темите поврзани со македонската историја, култура и јазик.

Присутните имаа можност да се запознаат со научни согледувања и со аргументирани историски и книжевни толкувања за ликот и делото на Крсте Мисирков, но и да ги продлабочат своите сознанија за неговото исклучително значење во процесот на афирмацијата на македонскиот литературен јазик и националната самобитност.

Во рамките на програмата беше одржано предавањето: „Поетиката на националната идеја: книжевна интерпретација на „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков“, на кое проф. д-р Анита Ангелевска и Гордана Гравчева-Ивановска, професор по македонски јазик и книжевност, македонист и лектор, понудија темелна книжевно-научна анализа на капиталното дело на Мисирков. Нивните излагања ја истакнаа книжевната, културолошката и националната вредност на делото „За македонцките работи“, кое и денес претставува една од најзначајните книги во историјата на македонската култура и општествена мисла.

Особено внимание привлече прикажувањето на краткиот документарен филм посветен на Крсте Петков Мисирков, кој преку автентични документи, архивски материјали и историски извори го осветлува неговиот животен пат, научната дејност и неговото јасно и недвосмислено самоопределување како Македонец. Филмот беше проследен со големо внимание од присутните и претставуваше значаен придонес во разбирањето на историските околности во кои творел Мисирков.

Во продолжение на програмата беа презентирани бројни историски, филолошки и лингвистички факти, научни истражувања и релевантни извори што сведочат за историскиот континуитет, богатството и развојот на македонскиот јазик низ вековите. Преку аргументирана и научно заснована презентација беше истакнато значењето на македонскиот јазик како суштински дел од културното наследство на Европа, како и неговата улога во развојот на словенската писменост и книжевна традиција. Воедно, беа потенцирани вредностите на македонскиот национален идентитет, заснован врз историски извори, документи и научни сознанија.

Програмата овозможи Македонците во Бугарија, но и бројните гости од бугарската јавност, да се запознаат со повеќе историски, книжевни и културни факти поврзани со животот и делото на Крсте Мисирков, придонесувајќи кон подобро разбирање на неговото место во македонската и европската интелектуална историја.

Сето тоа нудеше простор за културен дијалог, размена на научни сознанија и афирмација на вредностите што ги поврзуваат културата, науката и историјата.

Со организирањето на ова достоинствено чествување, Македонскиот културно-информативен центар во Софија уште еднаш ја потврди својата улога како една од најзначајните институции на македонската културна дипломатија надвор од границите на државата. Преку своите активности, Македонскиот КИЦ во Софија, создава простор за промоција на македонската култура, литература, јазик и историско наследство, придонесувајќи за нивна поширока меѓународна афирмација. Истовремено, преку научно аргументирани содржини и културни настани, Центарот овозможува пошироката јавност да се запознае со историските факти, културните достигнувања и духовното богатство на македонскиот народ.

Одбележувањето на 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Мисирков уште еднаш потврди дека Македонскиот културно-информативен центар во Софија е место каде што се негуваат културната меморија, научната мисла и дијалогот, но и институција што достоинствено ги претставува македонските национални и културни вредности. Со ваквите програми, Македонскиот КИЦ во Софија, не само што го чува и промовира богатото македонско историско и духовно наследство, туку активно придонесува во неговото современо вреднување и во градењето на идните генерации што ќе продолжат да го негуваат македонскиот јазик, култура и идентитет.

Свеченото чествување беше уште една потврда дека ликот и делото на Крсте Мисирков остануваат живи и актуелни и по еден век, инспирирајќи нови научни истражувања, културни иницијативи и јавни дебати. Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе продолжи со истата посветеност да организира настани што ја афирмираат македонската култура, историја и јазик, градејќи мостови на соработка, знаење и меѓусебно почитување преку културата и науката.

Поврзани вести