
Триесет и пет години независност. Доволно долг период за една држава да има своја историја, свои успеси и неуспеси, херои и разочарувања, денови на кои се радувала цела земја и денови кои најрадо би ги заборавила. Но се чини не е доволно долг периодот за да научиме една едноставна работа: Македонија не почнува и не завршува со ниту една политичка партија.
Го видовме видеоспотот по повод независноста составен од кадри од различни периоди од македонската понова историја. Независноста, денарот, спортот, музиката, културата, полните плоштади, навивањето, радоста. Неколку минути позитивни слики од една земја која за три и пол децении, покрај сите проблеми, имала и моменти кога знаела да биде среќна.
И веднаш почна пребројувањето.
Чиј бил овој успех? Кој бил на власт тогаш? Зошто го има овој, а го нема оној? Зошто ја нема оваа влада? Зошто го нема оној договор? Каде е оваа партија? Каде е заслугата на другата? Зошто ги нема аферите…
Како да гледаме партиски отчет, а не спот посветен на 35 години независност. Можеби проблемот воопшто не е во видеото. Можеби проблемот е што толку долго сме навикнати Македонија да ја гледаме низ партиски очила што веќе не знаеме да ја гледаме поинаку.
А мора ли баш сè да биде политика?
Мора ли голот на Горан Пандев да има партиска книшка? Или голот на Шакири да има етничка димензија. Медалот на еден македонски спортист да му го припишеме на премиерот кој случајно бил на функција во тој момент? Песната што ја пееле илјадници луѓе да ја делиме на „наши“ и „ваши“? Радоста на плоштад да ја мериме според тоа кој седел во Владата?
И ако во еден славенички спот нема политички договори, конфликти, кризи и трагедии, значи ли тоа дека некој ги избришал од историјата? Секако дека не.
Историјата на Македонија во овие 35 години не била само убава, звучна, розева. Имавме политички кризи, конфликт, трагедии, корупција, поделби, иселување, сиромаштија, промена на името, болни компромиси и одлуки за кои и денес не можеме да се согласиме. И сето тоа е наша историја. Но, не секоја пригода е учебник по историја, не секој спот е документарен филм и не секоја прослава мора да биде политичка ретроспектива.
Ако правиме документарец за 35 години независност, тогаш да – да ја раскажеме целата приказна. Без селекција. И убавото и грдото. И успесите и грешките. И мудрите одлуки и катастрофалните проценки. И оние што денес ги славиме и оние за кои сè уште се расправаме.
Но ако правиме неколкуминутно видео за почеток на прослава, навистина ли во него треба да ги сместиме сите наши политички трауми за да докажеме дека сме објективни?
И тука доаѓа нешто многу поважно од еден видеоспот. Кому му припаѓаат овие 35 години?
На ВМРО-ДПМНЕ? На СДСМ? На некоја трета партија? На премиерите? На претседателите? На министрите?
НЕ! Им припаѓаат на граѓаните. Независноста не е партиска сопственост. Не е ниту заслуга што на секои избори треба повторно да се дели според бројот на освоени на гласање.
Киро Глигоров е дел од македонската државност без оглед кој денес политички се повикува на него. Првиот македонски денар е дел од историјата без оглед која влада го вовела. Членството во НАТО е факт од македонската историја без оглед кој го потпишал и кој како го оценува патот до него. Спортските успеси не се владини успеси. Уметниците не се партиски трофеи. Затоа можеби треба да престанеме со таа чудна навика зад секој историски кадар да бараме партиски потпис.
Има 364 други денови во годината за да се расправаме кој повеќе направил, кој повеќе украл, кој повеќе задолжил, кој предал, а кој спасил. Во тоа, барем, имаме три и пол децении искуство. Можеби на денот кога ја славиме независноста можеме да направиме нешто многу потешко. Да не се пребројуваме. Да не се делиме на наши и ваши! Да не прашуваме чија е победата. Да не бараме партиска книшка на секој успех.
Да признаеме дека во овие 35 години имало влади што доаѓале и си оделе, политичари што денес речиси никој не ги памети, партии што победувале и губеле.
А Македонија останала.
И ако по 35 години независност сè уште не можеме да најдеме неколку минути за нешто што е заедничко, без веднаш да го поделиме на „наше“ и „ваше“, тогаш проблемот навистина не е во ниту еден видеоспот. Проблемот е што политиката одамна не ни е само начин на управување со државата. Таа ни е начин на жвиот, начин на кој ја гледаме државата.
А можеби созревањето почнува токму тогаш кога ќе разбереме дека Македонија е поголема од секоја влада, секоја партија и секој политичар. И дека барем независноста не мора да ја приватизираме по партиски штабови.

Македонски


