
Со свечен прием по повод Националниот ден – 8 Септември, македонската дијаспора во амбасадата во Париз, во петокот заедно ја прослави 35-годишнината од независноста на државата.
Свеченоста која се одржа во салоните на Амбасадата, беше дел од дводневната манифестација за Денот на независноста, на која присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, УНЕСКО, како и истакнати личности од политичкиот, јавниот и културниот живот и претставници на македонската дијаспора.
Во четвртокот приемот започна со впечатлива изведба на химните на Македонија и Франција, во интерпретација на младата македонска пејачка Јована Крстевска, која живее и работи во Париз.
Пред присутните се обрати амбасадорот проф. д-р Игор Николов, кој им посака добредојде на гостите и се осврна на историското значење на 8 Септември.
Со неизмерна гордост и радост ја изразувам својата најискрена благодарност по повод овој голем ден, кога македонските граѓани, храбро и одговорно, го исполнија заветот на своите предци и по демократски пат, преку референдум и со огромно мнозинство, се изјаснија за суверена и независна држава, истакна амбасадорот Николов.
Тој нагласи дека визијата е Македонија да биде стабилна и просперитетна европска држава, но, пред сè, татковина во која младите ќе изберат да основаат семејства, да создаваат и да ја градат својата иднина.
Постои една поговорка: „Народите ја пишуваат својата историја, а дипломатите ја имаат привилегијата да ги доближуваат нејзините поглавја.“ Оваа вечер е прекрасен пример за дипломатијата, која ги става во преден план културата, знаењето и човечките врски што ги поврзуваат двете земји, рече амбасадорот.
Во рамките на свеченоста, амбасадорот Николов му врачи сертификат на познатиот француски професор по медицина и академик, проф. Зијад Маси, со кој се потврдува неговиот избор за визитинг-професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Амбасадорот нагласи дека признанието сведочи за академската извонредност и посветеноста на професорот Маси, но и за заложбата на универзитетските институции за унапредување на размената на знаења, научната соработка и врските меѓу македонската и француската медицинска заедница.
Господине професоре, примете ги нашите најсрдечни честитки. Убедени сме дека Вашиот придонес ќе ги збогати наставата, истражувањето и соработката на Медицинскиот факултет во Скопје, порача Николов.
Свечената вечер беше збогатена и со настап на еминентните македонски оперски уметници Дурловски. Нивната изведба, пред бројните гости од дипломатскиот кор, внесе силна и трогателна уметничка димензија во одбележувањето на македонскиот национален празник и го претстави богатството на македонската култура пред француската и меѓународната јавност.

Македонски











