Skip to main content

Во Париз одбележани 35 години од независноста на Македонија

Амбасадата во Париз, на 10 и 11 септември 2026 година, организираше свечен прием по повод Националниот ден – 8 Септември, на кој беше одбележана и 35-годишнината од независноста на државата.

Свеченоста се одржа во салоните на Амбасадата, во присуство на претставници на дипломатскиот кор, Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, УНЕСКО, како и истакнати личности од политичкиот, јавниот и културниот живот и претставници на македонската дијаспора.

Приемот започна со впечатлива изведба на химните на Македонија и Франција, во интерпретација на младата македонска пејачка Јована Крстевска, која живее и работи во Париз.

Пред присутните се обрати амбасадорот проф. д-р Игор Николов, кој им посака добредојде на гостите и се осврна на историското значење на 8 Септември.

Со неизмерна гордост и радост ја изразувам својата најискрена благодарност по повод овој голем ден, кога македонските граѓани, храбро и одговорно, го исполнија заветот на своите предци и по демократски пат, преку референдум и со огромно мнозинство, се изјаснија за суверена и независна држава – истакна амбасадорот Николов.

Тој нагласи дека визијата е Македонија да биде стабилна и просперитетна европска држава, но, пред сè, татковина во која младите ќе изберат да основаат семејства, да создаваат и да ја градат својата иднина.

Постои една поговорка: ‘Народите ја пишуваат својата историја, а дипломатите ја имаат привилегијата да ги доближуваат нејзините поглавја.’ Оваа вечер е прекрасен пример за дипломатијата, која ги става во преден план културата, знаењето и човечките врски што ги поврзуваат двете земји – рече амбасадорот.

Во рамките на свеченоста, амбасадорот Николов му врачи сертификат на познатиот француски професор по медицина и академик, проф. Зијад Маси, со кој се потврдува неговиот избор за визитинг-професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Амбасадорот нагласи дека признанието сведочи за академската извонредност и посветеноста на професорот Маси, но и за заложбата на универзитетските институции за унапредување на размената на знаења, научната соработка и врските меѓу македонската и француската медицинска заедница.

Господине професоре, примете ги нашите најсрдечни честитки. Убедени сме дека Вашиот придонес ќе ги збогати наставата, истражувањето и соработката на Медицинскиот факултет во Скопје – порача Николов.

Свечената вечер беше збогатена и со настап на еминентните македонски оперски уметници Дурловски. Нивната изведба, пред бројните гости од дипломатскиот кор, внесе силна и трогателна уметничка димензија во одбележувањето на македонскиот национален празник и го претстави богатството на македонската култура пред француската и меѓународната јавност.

Инаку одбележувањето на Денот на независноста во Париз траеше два дена со повеќе настани. На 10 септември Игро и Ана Дурловски одржаа коцерт пред дипломатскиот кор, а на 11 септември беа отворени вратите на Амбасадата за дијаспората.

Поврзани вести