
Денеска, присуствував на отворањето на Парискиот мировен форум, кој почна како што прилега – со деца. Мислам дека од нивните желби сите треба да се засрамиме, некои поради чинењето, а други поради нечинењето – се наведува во објавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која денеска учествува на деветтото издание на Парискиот мировен форум.
Претседателката присуствуваше на отворањето на Форумот, кој годинава се одржува со наслов „Здружување на силите за она што е најважно“.
Навистина е чудно да се соочите со порака „Од суверенитет кон соработка“, а децата да раскажуваат за војни, за страдања, за желби. Човештвото е на крстопат – вели Сиљановска-Давкова во објавата.
Претседателката Сиљановска-Давкова ќе се обрати на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“, а ќе биде дел и од свечената вечера, која во чест на шефовите на држави и влади – учесници на Парискиот мировен форум, ќе ја приреди претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.
Парискиот мировен форум, основан 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.

Македонски



